Трамп прв пред своите конкуренти од Републиканската партија, води со над 20%
Кандидатот за претседател на САД од Републиканската партија Доналд Трамп сериозно води по популарност пред најблискиот ривал, сенатор Тед Круз. Ова го покажуваат податоците од национално истражување спроведено од „CNN“ и истражувачката компанија „ORC“.
Нивото на поддршка кон Трамп помеѓу републиканците достигна 39%, што од почетокот на декември е зголемување за 3%. Неговиот главен ривал Тед Круз има 18% од поддршката на републиканците, што е зголемување за 2%.
На трето место е неврохирургот Бен Карсон, кој стоеше до скоро многу блиску до Трамп. По него е рангиран сенаторот на Флорида, Марко Рубио - секој од нив има ниво на поддршка од 10%.
„Трамп поседува лидерски позиции во предизборната кампања, бидејќи гласачите сметаат дека тој може најдобро да се справи со проблемите со кои се соочува земјата“, посочуваат авторите на студијата.
Според истражувањето 55% од републиканските гласачи очекуваат Трамп да се справи со проблемот со илегалната имиграција, додека на Круз за решавањето на овој проблем му се доверени 15%, а Рубио - 10%. Околу половина од испитаниците - 47% - веруваат дека Трамп е во состојба да се справи со заканата од терористичката група „Исламска држава“, 21% изразуваат такво мислење за Тед Круз, а 7% за поранешниот гувернер на Флорида, Џеб Буш.
