Трамп призна дека демонстранти биле вооружувани на протестите во Иран: „Им испративме многу оружје“
Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп призна за Фокс њуз дека САД им испратиле оружје на демонстрантите на протестите против владата во Иран.
Трамп го даде овој коментар за време на едно интервју и рече дека САД доставиле оружје преку Курдите.
„Им испративме многу оружје. Го испративме преку Курдите. И мислам дека Курдите го задржаа. Им испративме оружје на демонстрантите, многу од нив. И мислам дека Курдите го зедоа оружјето“, рече Трамп, според Фокс њуз.
Според него, испораката била извршена преку курдските сили, кои наводно презеле дел од оружјето.
Ве потсетуваме дека големите протести во Иран избувнаа во јануари поради влошување на економските услови и рекордна девалвација на националната валута. Протестите станаа насилни, а илјадници луѓе загинаа, според активистите и иранската влада.
Иранските државни медиуми претходно ги обвинија, како што наведоа, „терористичките агенти, кои имаат поддршка од Соединетите Американски Држави и Израел“, за поттикнување насилство во земјата.
Протестите во Иран во текот на јануари 2026 година претставуваат една од најинтензивните и најкрвавите низи немири во земјата во последните децении. Граѓаните излегоа на улиците на големите градови, вклучувајќи ги Техеран, Исфахан и Махшахр, барајќи политички и социјални промени.
