Трамп одобри закон за секундарни санкции за купувачите на руска нафта и гас
Американскиот претседател Доналд Трамп одобри двопартиски закон за заострување на санкциите против Русија, со кој ќе се воведат високи тарифи до 500 проценти за увоз од земји што купуваат руски енергенси, потврди американскиот сенатор Линдзи Греам.
Греам изјави на социјалната мрежа X дека по „многу продуктивен состанок“ со Трамп, добил одобрение за законот за санкции против Русија, на кој, како што рече, работел со месеци со сенаторот Ричард Блументал и други пратеници од двете партии. Тој рече дека времето за законот е „добро избрано“, тврдејќи дека Украина прави отстапки заради мирот, додека рускиот претседател „само зборува“.
Според Греам, законот ќе му овозможи на американскиот претседател да ги казнува земјите што купуваат „евтина руска нафта“ и, како што изјави, ги финансираат воените активности на Москва. Тој додаде дека ваквите мерки ќе му дадат на Вашингтон „огромна моќ“ да изврши притисок врз земји како Кина, Индија и Бразил да престанат да купуваат руска енергија.
Во исто време, руската државна новинска агенција ТАСС прецизира дека станува збор за законска иницијатива презентирана на почетокот на април 2025 година од страна на двопартиска група сенатори, чии главни автори се Греам и Блументал. Според нацрт-законот, мерките би се однесувале не само на нафтата, туку и на гасот, како и на други стратешки суровини, вклучително и ураниумот.
Според ТАСС, законот предвидува воведување на увозни давачки од 500 проценти за стоки што пристигнуваат во Соединетите Држави од земји што купуваат нафта, гас и други клучни ресурси од Русија. Сличен закон се разгледува и во Претставничкиот дом на САД.
Москва веќе реагираше негативно на оваа иницијатива. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно предупреди дека усвојувањето на таков закон ќе наиде на „екстремно негативни“ реакции, велејќи дека ваквите мерки дополнително ќе ги затегнат односите и ќе имаат далекусежни последици за глобалната трговија и енергетските пазари.
Сенаторот Греам рече дека очекува силна двопартиска поддршка во Конгресот и дека гласањето за законот би можело да се одржи веќе следната недела.
