Трамп не одржа прес прв пат по еден месец: Последниот му беше „најславен“
Во изминатите 24 часа, од коронавирусот во Соединетите американски држави починале 2.494 луѓе, така што бројот на загинатите повторно има нагорен тренд.
Во петокот се регистрирани 1.258 смртни случаи, што беше најмала бројка за скоро три недели.
САД се држава со најголем број смртни случаи од коронавируси, каде досега починаа 53.511 луѓе а има 936.229 потврдени случаи.
Патем, вчера американскиот претседател Доналд Трамп не одржа прес-конференција во Белата куќа, за прв пат по еден месец.
„Која е поентата на организирање на прес-конференции кога патетичните медиуми само покренуваат непријателски прашања и одбиваат точно да известат за вистината и за на фактите“, напиша Трамп на својот профил на Твитер.
Во четвртокот, американскиот претседател предложи коронавирусот да се лекува со инјектирање на средство за дезинфекција на пациентите, со што предизвика лавина реакции и осуда од здравствената фела ширум светот.
Трамп потоа рече дека неговата сугестија луѓето да пијат или инјектираат средство за дезинфекција како противотров на Ковид-19 е негов „обид за сарказам“, објави АП.
Трамп во четвртокот рече дека истражувачите ги разгледуваат ефектите на средства за дезинфекција врз вирусот и се прашуваше гласно дали може да се инјектираат кај луѓето бидејќи тој рече дека вирусот „неверојатно ги погодува белите дробови, па затоа би било интересно да се провери“.
