Трамп ќе ја посети Грција
Американскиот претседател Доналд Трамп планира официјална посета на Атина, изјави американската амбасадорка во Грција, Кимберли Ан Гилфојл, истакнувајќи го растечкиот интерес на Вашингтон за југоисточниот Медитеран.
Зборувајќи во Атина на промоцијата на новиот документарец од првата дама на САД, Меланија Трамп, Гилфојл рече дека со нетрпение го очекува доаѓањето на американскиот претседател и неговата сопруга во Грција, објави денес „Еурактив“.
„Знам дека претседателот доаѓа и навистина се радувам на нивната посета, како и на Меланија. Тоа би било голема чест за земјата“, рече Гилфојл.
Амбасадорот на САД во Грција не прецизираше кога би можела да се случи посетата, ниту дали Трамп ќе посети други земји од стратешко значење за САД, како што се Израел, Кипар или Турција, во таа пригода.
Според Еурактив, дури и самата најава за посетата има политичка тежина за Југоисточна Европа, регион оптоварен со тензии поради поморските спорови, особено меѓу Грција и Турција, како и несогласувања околу енергетските ресурси.
Откако Трамп е реизборен, американските компании ги зголемија своите инвестиции во истражување на гас и нафта во источниот Медитеран. Гилфојл претходно ја опиша Грција како „клучен играч во енергетската иднина на Европа“.
За разлика од повеќето партнери на САД во Европската Унија, Атина го дели ставот на Трамп дека Европа треба да го зголеми увозот на течен природен гас (LNG) од САД.
