Трамп ќе биде блокиран на Фејсбук и на Инстаграм уште две недели
Профилите на Доналд Трамп на Фејсбук и на Инстаграм ќе останат блокирани уште најмалку две недели, објави денеска Марк Цукерберг по насилствата што се случија во Конгресот во Капитол Хил.
Во неговата објава тој наведува:
Шокантните настани во последните 24 часа јасно покажуваат дека претседателот Доналд Трамп има намера да го искористи преостанатото време на функцијата за да ја поткопа мирната и законска транзиција на власта на неговиот избран наследник Џо Бајден.
Неговата одлука да ја искористи својата платформа за да поддржи наместо да ги осуди постапките на неговите приврзаници во зградата на Капитол, со право ги вознемири луѓето во САД и низ целиот свет. Ние ги отстранивме овие изјави вчера затоа што проценивме дека нивниот ефект - и веројатно нивната намера - ќе предизвикаат понатамошно насилство.
По потврдувањето на резултатите од изборите од страна Конгресот, приоритет за целата земја сега мора да биде преостанатите 13 дена и деновите по инаугурацијата да поминат мирно и во согласност со утврдените демократски норми.
Во текот на последните неколку години, му дозволивме на претседателот Трамп да ја користи нашата платформа во согласност со нашите сопствени правила, на моменти отстранувајќи содржина или обележувајќи ги неговите објави кога тие ги кршат нашите политики. Ова го сторивме затоа што веруваме дека јавноста има право на најширок можен пристап до политички говор, дури и контроверзен говор. Но, сегашниот контекст сега е фундаментално различен, вклучително и употребата на нашата платформа за поттикнување на насилство против демократски избрана влада.
Ние веруваме дека ризиците да му се овозможи на претседателот да продолжи да ја користи нашата услуга во овој период се едноставно премногу големи. Затоа, го продолжуваме блокирањето на неговите профили на Фејсбук и Инстаграм на неодредено време и најмалку во следните две недели додека не заврши мирната транзиција на власта.
