Трамп кажа дека Куба е следна - дали планира интервенција?
Американскиот претседател Доналд Трамп даде нова контроверзна изјава и ја отвори темата за Куба, директно велејќи дека островската држава би можела да биде следната цел на Вашингтон по воените операции во Венецуела и Иран.
Трамп ја пофали американската воена моќ и интервенциите во странство, а потоа изговори реченица која веднаш предизвика реакции.
„Изградив голема војска. Реков: ‘Никогаш нема да мора да ја користите. Но, понекогаш мора да ја користите. И Куба е следна, патем. Но, правете се дека тоа не го кажав“, изјави Трамп.
Сигналите од неговата администрација укажуваат на засилен притисок врз Хавана. Во изминатиот период, Вашингтон почна разговори со дел од кубанското раководство, додека самиот Трамп повеќепати сугерираше дека не ја исклучува ниту воената опција.
Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел потврди дека се водат разговори со САД со цел да се избегне евентуален судир, во услови кога земјата се соочува со сериозна економска и енергетска криза.
Кризата дополнително се продлабочи откако Венецуела, по смената на власт во Каракас, ги прекина испораките на нафта кон Куба – ресурс од кој островот е суштински зависен за електрична енергија и транспорт.
Претходно во март, тој изјави дека Куба би можела да биде предмет на „пријателско преземање“, за потоа да рече дека тоа можеби нема да биде пријателско.
foto freepik.com
