Трамп: „Ја сакам инфлацијата“ - инфлацијата расте, тој тврди дека нафтата наскоро ќе падне
Американскиот претседател Доналд Трамп предизвика нови реакции во јавноста откако, коментирајќи ги најновите податоци за растот на цените во САД, изјави дека ја „сака инфлацијата“.
Изјавата доаѓа во момент кога американската инфлација во мај се искачи на 4,2 проценти на годишно ниво, што е најбрз раст на потрошувачките цени во последните три години. Главен притисок врз цените доаѓа од поскапувањето на енергенсите, поврзано со војната со Иран и нарушувањата во транспортот на нафта преку Ормускиот Теснец.
Трамп, сепак, тврди дека растот на цените е привремен и дека нафтата ќе поевтини штом конфликтот заврши. Според него, притисокот врз пазарите е последица на воената состојба, но администрацијата презела чекори за да го заштити снабдувањето со енергенси.
Американскиот претседател рече дека одобрил тајна операција за движење на нафтени танкери низ Ормускиот Теснец, оценувајќи дека ризикот бил оправдан поради опасноста од уште поголем скок на цените.
„Кога ќе заврши, ќе видите како нафтата ќе падне таму каде што беше претходно“, порача Трамп, додавајќи дека очекува цените да се намалат нагло.
Економските аналитичари, сепак, предупредуваат дека последиците од енергетскиот шок може да продолжат и по евентуалното смирување на состојбата, особено ако транспортот преку клучните поморски рути остане нестабилен.
Растот на инфлацијата доаѓа во чувствителен политички период за Републиканската партија, само неколку месеци пред среднорочните избори во ноември. Цените на горивата, храната и основните производи повторно стануваат една од главните теми за американските гласачи.
Во меѓувреме, САД и Иран втор ден по ред разменија воздушни напади. Трамп најави дека Вашингтон е подготвен за нови удари доколку Техеран веднаш не прифати мировен договор.
