Трамп и Клинтон во клинч, Русија во публика!
Со официјализирањето на претседателската кандидатура на Хилари Клинтон е даден знакот за битката за новиот претседател на САД во која нејзин противник ќе биде Доналд Трамп. Предиграта заврши. Сега на ред е истрчувањето на терен каде што ќе се игра се до ноември, а гласачите ќе го одберат победникот.
Бизнисменот Трамп во манир на менаџер-популист успеа да си ја обезбеди номинацијата кај републиканците, иако голем дел од нив не му беа наклонети. Но тој сомле многу републикански имиња. Џеф Буш, Тед Круз и други кои зад себе имаа политичко минато останаа поразени.
Хилари Клинтон е посебна приказна. Нејзиниот противник Берни Сандерс, иако веруваше во освојување на номинацијата не можеше ништо да направи, зашто зад Клинтон застанаа административните ресурси од Демократската партија. И тоа со валкана игра уште од почетокот на битката за гласови во прајмеризот ширум САД. Тоа се обелодени официјално деновиве во Филаделфија на Конвенцијата на демократите. Но тоа е малку за утеха на Сандерс, кој уште пред многу месеци зборуваше за игрите што му ги мести раководството на партијата. Уште помала утеха е и оставката на Деби Васерман Шулц, претседателот на Националниот комитет на Демократската партија. Таа оставка беше признание за неправдата што раководството на партијата му ја нанесе на Сандерс.
За да биде приказната поинтересна во целата игра се вмешаа илјадници мејлови, а подоцна и аудио снимки, кои „случајно“ излегоа во јавноста тукму на почетокот на конвенцјата на демократите. „Држете ги Русите“, повикаа од врвот на Демократската партија. Според нив, наводно, хакери од руските специјални служби влегле во системот за комуникација на партијата и оттаму ја украле поштата, па и ауди фајловите и ги предале на Викиликс, кој ги објави. Докази за тоа кој стои зад таа операција, нормално нема. Но наводно има руски траги. Сигурно руските специјални служби „намерно“ ги оставиле за да им дадат до знаење на сопствениците на мејловите и снимките дека токму Руси стојат зад целата операција на хакирање. Секако ова е далеку од умот, но да ја оставиме ФБИ да си ја заврши најавената истрага.
Како и да е, објавувањето на овие мејлови беа добродојдени за Клинтон и нејзиниот штаб за да ја тргнат од себе сенката на „местенката“. И наместо да се зборува за содржината на објавените мејлови, сите зборуваа за руските траги во хакирањето. И не е важно што се чита или што се слуша од нив, туку кој ги украл документите. Ова ме потсетува на „бомбите“ кај нас, што ги објави Зоран Заев. Се сеќавате, тогашниот премиер Груевски зборуваше за некакви комбиња кои кружеле низ Скопје и прислушкувале, па дека биле дадени од странски служби. Медиумите кои му служат на неговиот режим постојано ја повторува приказната на „пастирот“ и верглаа за тоа како е дојдено до снимките. Никој не ни спомнуваше за содржината во нив. За криминалот, за убиствата, за насилството, за рекетот, за изборните местења...
Во случајот со демократите интересен е американскиот политичар и советник на тројца американски претседатели, републиканецот Пет Бјукенен. Во списанието The American Conservative, тој го поставува прашањето : Дали Путин ќе добие Пулицерова награда? Приказната е следна. Во 1971 година New York Times публикувал тајни документи од времето на администрацијата на Кенеди-Џонсон( претседателот Џон Кенеди и неговиот потпретседател, а потоа и претседател Линдон Џонсон), за тоа како САД биле вовлечени во Виетнамската војна. Целта на весникот била да ја дискредитира војната, која на почетокот ја поддржувал. Документите од кои голем дел биле означени како тајни биле нелегално земени од Министерството за одбрана, копирани и објавени во весникот. Весникот својата позиција ја бранел, апелирајќи кон „правото на граѓанинот да знае“ за тајните на неговата влада. И Бјукенен тука прашува: -Имаат ли право граѓаните да ги знаат одвратните шеми на Демократскиот национален комитет, за уривањето на претседателската кампања? Имаат ли право граѓаните да знаат дека со отфрлањето на обвинувањата на Сандерс раководството на Комитетот го лажело него, партијата и целата земја? Што знаела Клинтон за соучеството на Васерман Шулц во измамата на Комитетот во претседателската кампања и кога го дознала тоа? Бјукенен пишува дека за „Објавување на украдените тајни од министерството за одбрана, „Досие Пентагон“, весникот добил Пулицерова награда. Оттука и констатацијата на Бјукенен, „Ако Русите помогнале да се привлече вниманието на американските граѓани кон недемократските работички на Демократскиот национален комитет, тогаш Русите исто заслужуваат подобно признание. Според стандардите за New York Times од 1971 година, Путин заслужил Пулицерова премија.“
На Русија и е многу важно кој ќе биде новиот американски претседател. Но далеку е од памет дека така наметливо, со оставање траги, сака да влијае врз изборниот процес во САД. Има претпоставки дека Русите со соработката со Викиликс, сакаат да дадат до знаење дека имаат многу повеќе од она што е објавено. Но, тука веќе се поставува и друго прашање. Колку се обезбедени и колку се сигурни од хакерски напад комуникациите на американските институции? Впрочем хакерските напади, следења на електронските пошти и прислушкувањата не се само дело на Русите. Изминативе години се изнаслушаве и изначитавме за тоа колку Американците биле замешани во такви работи ширум светот, па дури и кај нивни сојузници од Европа. Или пак, германските служби кои што исто така шпионирале свои сојузници. А да не зборуваме за Кина. Сето тоа се тајни кои, благодарение на некои асанжи, сноудени, руски разузнавачи пребегнати на запад и слични на нив испливуваат во јавноста.
Во право е Јулија Јофе, кога во текст во Foreign Policy пишува дека : -Самиот факт што ние разгледуваме и веруваме во тоа дека Путин располага со знаења, со инсајдерска информација и неопходни средства за кандидирање на кандидат американсите избори и да го помине него низ прајмеризот до претседателска кандидатура значи дека ние нему му даваме моќ и значење за кои тој мечтае. Се што сака тој е Америка во него да гледа достоен соперник. Оваа недела тоа ние му го дадовме и тоа многу“.
Она на што ќе бидеме сведоци и што ќе го прави Русија и го прави е учество во пропагандната војна, која меѓу неа и Западот се води подолго време. Путин ќе биде во публиката која ќе го гледа клинчот во кој ќе се најдат Трамп и Клинтон. Во Москва сигурно не се залажуваат со тоа кој е подобар избор за нив. И покрај сегашните изјави на Трамп, сигурно тој нема да биде истиот доколу стане претседател. Од друга страна Хилари Клинтон, колку и да е серт во однос на Русија, ќе биде попретсказлива во односите меѓу двете држави.
Мој фаворит за претседател на САД беше Берни Сандерс. Но очигледно на Американците не им треба таков човек, барем засега. Во далечната 1981 година кај нас во редакцијата, „Нова Македонија“, дојде Владимир Дедиер, историчар, познат, меѓу другото, како автор на првата биографија на Тито. Во разговорот стана збор и за Роналд Реган кој само што седна на претседателската функција. Дедијер кој во меѓувреме замина да живее во САД, тогаш за Реган ни рече: - Овoј кај нас не може да кине ни билети во кино, но во Америка може да биде претседател.
Мирче Адамчевски
Слично
