Економија, финансии, бизнис

Контакт

Трамп го понижи Тилерсон - Што ќе донесат промените во Стејт Департментот за Македонија?

Трамп го понижи Тилерсон - Што ќе донесат промените во Стејт Департментот за Македонија?

Американскиот претседател Доналд Трамп го понижи државниот секретар Рекс Тилерсон со тоа што го отпушти на многу брутален начин, соопштувајќи порака преку неговиот профил на Твитер. Тилерсон знаел дека во Белата куќа нешто се подготвува но, не претпоставувал дека на ваков недостоинствен начин ќе биде отпуштен. Тој за отказот дозна од самите медиуми кои брзо ја пренесоа веста по објавата на Трамп на Твитер кој соопшти дека на негово место доаѓа Мајк Помпео од ЦИА кој ќе го преземе Стејт департментот од 1 април годинава и дека со него имал одлична соработка и слично размислување.

Тилерсон во својата последна изјава пред медиумите одвај ги сокри емоциите, гласот му беше тежок и зарипнат, полн со емоции, речиси и да не заплака пред камерите кои во живо ја пренесуваа неговата порака до сите вработени на Стејт Департментот да продолжат да градат добри дипломатски односи со сојузниците. 

Тилерсон ниту еднаш не го спомна Доналд Трамп, туку рече дека мора да се најде соодветен одговор на се поголемата руска агресија која станува закана по безбедноста на САД, како и да се внимава во односите со Кина. 

Отпуштањето на Тилерсон доаѓа навистина во лошо време и за Република Македонија бидејќи тој веќе воспостави односи со македонската дипломатија и Стејт Департментот беше добро запознаен со активните преговори за наоѓање решение на спорот за името со Грција. Вчера имавме посета и од помошник државниот секретар за Европа Вес Мичел кој воопшто не ги исполни очекувањата на одредени кругови за булдожер дипломатија и се потврди теоријата која уште вчера ја постави Фактор за неговата „мека рака“ во прашањето за името. Тој пренесе стандардни дипломатски пораки дека САД ни се пријатели, не поддржуваат за членство во НАТО, очекуваат реформи, а за спорот за името дека ќе го поздрават било кое решение кое ќе го постигнат двете земји. 

Така воопшто не очекуваме поголем притисок врз Грција да направи квалитетни отстапки на нејзина страна кои ќе овозможат прифаќање на достоинствено решение, наместо постојано да наметнува нови и се полоши и полоши услови од кои Македонија може само да стане од масата и да не прифати загрозувачки предлози кои ќе го понижат македонскиот народ. 

Сега, со Стејт Департментот ќе управува Мајк Помпео, еден од најлојалните службеници на Доналд Трамп, човек кој доаѓа од порадикалното Tea Party крило на Републиканската партија, политичар кој е проактивен и наметлив, а е посветен на заштита на САД од надворешни влијанија. Како шеф на ЦИА тој дојде до заклучок дека Русија се однесува агресивно и дека се зголемени обиди за сајбер војување преку најразлични тактики, од хакирање до ширење на лажни вести. Помпео се очекува и да го зголеми бројот на активни службеници на ЦИА во дипломатските мисии, но и да се справи со кадарот кој и натаму му е лојален на Рекс Тилерсон. Затоа проширувањето на НАТО сигурно ќе биде на агендата на Помпео што е и добра вест за Македонија. 

Да потсетиме дека поранешниот државен секретар беше еден од најстабилните функционери во кабинетот на Трамп, се обидуваше да го одржи во живот нуклеарниот договор со Иран, да го смири светот по повлекувањето на Трамп од Парискиот климатски договор, успеа да наметне силна изолација на Северна Кореја која ги сопре нуклеарните закани, а даде и уверение на сојузниците дека САД нема да се откаже од нив иако претседателот даваше комични и несериозни изјави дека Германија должела стотици милиони долари во НАТО. 

Медиумите исто така известуваа дека Тилерсон на еден состанок во Белата куќа го нарекол претседателот Трамп морон бидејќи ја уништува американската надворешна политика. По Тилерсон на „гилотина“ ќе завршат најверојатно и секретарот за одбрана Џејмс Матис кој е во исклучително деликатна состојба, и советникот за национална безбедност Мекмастер.  

Автор: Христијан Станоевиќ

Слично

Поврзани вести