Топлинскиот бран „Омега Блок“ ја гори Европа: скратена настава во училишта, 18 мртви во Франција, црвени тревоги во Италија, Германија...
Европа се соочува со еден од најинтензивните топлотни бранови во последните години, додека екстремно високите температури погодуваат голем дел од континентот од Иберискиот Полуостров до Британските Острови.
Метеоролозите го нарекуваат овој феномен „Омега Блок“ по атмосферскиот модел што наликува на грчката буква омега и што овозможува топлиот воздух да остане над истите области долго време.
Според климатолозите, овој систем вшмукува многу топол воздух од Северна Африка и Сахара, носејќи невообичаено високи температури низ Западна Европа. Поради бавното движење на атмосферскиот блок, речиси и да нема ветер што би донел освежување, па топлината останува над истите региони со денови.
Европа под влијание на топлината
Бројни европски земји веќе ги доживуваат последиците од топлината.
Франција, Шпанија, Италија, Белгија и Германија издадоа највисоко ниво на предупредувања, училиштата се затворени, сообраќајот е нарушен, а здравствените служби работат под зголемен притисок.
Најмалку 18 лица починаа во Франција, вклучувајќи две деца оставени во загреан автомобил, додека топлотен бран ја зафати Европа, кршејќи рекорди на температура во неколку градови.
Во Германија се регистрирани бројни инциденти поврзани со топлината, вклучувајќи случаи на патници на кои им е потребна медицинска помош откако авионот бил оставен на пистата подолго време.
Како се случува овој метеоролошки феномен?
Омега блок е име за специфична распределба на воздушниот притисок врз одредена област. Тоа е формација што наликува на буквата омега од грчката азбука на временските карти.
Формирана е на таков начин што област со висок притисок (суво и топло време во лето) е затворена, заробена лево и десно од области со понизок воздушен притисок, циклони кои носат променливо и свежо време. Во ваков вид застој во рамките на омега блокот, сувото и стабилно време опстојува, што е исто така погодно за екстремни температури во лето.
Avrupa' etkisi altına alan "omega blokajı", sıcak havayı kıtaya hapsetti
— Anadolu Ajansı (@anadoluajansi) June 22, 2026
Fransa, İspanya, Almanya, Belçika, Hollanda ve İngiltere başta olmak üzere birçok ülkede rekor seviyelere ulaşan sıcaklıklar görülüyor
Türkiye ise sistemin doğu kanadında yer alırken birçok bölgede… pic.twitter.com/99KchIJl4K
Понекогаш таквата стационарна атмосферска ситуација опстојува неколку недели, носејќи долготрајна суша и многу високи температури во погодената област.
Ефектот на топлинска купола е последица на омега блокот, бидејќи поради високиот воздушен притисок, облаците и влагата не можат да се пробијат во внатрешноста на топлата и сува зона, која наликува на купола или печка.
Имено, во ова време од годината, деновите се многу долги, небото е ведро, па топлината се акумулира и се зголемува од ден на ден.
Во моментов, најлошото е над Шпанија и Франција, но и други делови од југозападна и централна Европа ќе ги почувствуваат неговите последици во текот на остатокот од неделата, па температурата во некои европски земји би можела да надмине 40 степени Целзиусови.
Фото: Принтскрин/Икс