Тони Блер призна дека инвазијата во Ирак делумно е причина за подемот на „ИД“
Поранешниот британски премиер Тони Блер признал дека предводената од САД инвазија во Ирак во 2003 година делумно е причина за подемот на терористичката група „Исламска држава“, пренесоа американските медиуми.
Во интервју за американската телевизија „CNN“ Блер изјавил дека има елементи на вистина во тврдењето дека војната во Ирак го предизвикала подемот на „ИД“.
Се извинувам за некои грешки направени во планирањето и за нашите грешки во разбирањето на она што ќе се случи откако ќе биде соборен режимот на Садам Хусеин, изјавил Блер.
Но ми е тешко да се извинам за соборувањето од власт на Садам. Денес, во 2015 година, јас сепак мислам дека е подобро, дека тој не е на власт во Ирак, изјавил Блер, цитиран од агенциите.
Се разбира не е можно да се каже дека оние кои го соборија Садам во 2003 година, не сносат никаква одговорност за ситуацијата во 2015 година, признал Блер, но истакнал дека „Исламската држава“ тргнала од Сирија, а не од Ирак.
Овие изјави доаѓаат во момент во кој комисијата на Чилкат која ја истражува контроверзната посветеност на Велика Британија во војната во Ирак, треба да објави во почетокот на ноември распоред за објавување на заклучоците.
Комисијата беше формирана во 2009 година од тогашниот премиер лабуристот Гордон Браун и првично требаше да се објават резултатите од истрагата за една година.
Велика Британија се вклучи во инвазијата, а потоа и во војната во Ирак во 2003 година, во времето кога токму Блер беше премиер. Оваа одлука беше непопуларна во тоа време и Блер беше обвинет дека го лажел својот народ за достапноста на оружјето за масовно уништување во Ирак, што така и не се потврди, но што беше користено како аргумент за инвазијата.
