Тигарот на Путин побегна во Кина!
Реткиот сибирски тигар Кузја, што рускиот претседател Владимир Путин, го ослободи во дивината претходно годинава, ја препливал реката Амур и избегал на кинеска територија, најверојатно во потрага по храна.
Кузја беше еден од трите загрозени тигри што беа ослободени во дивината во источен Сибир во мај, под надзор на Путин. Напаравата за следење што му била поставена открила дека сега тигарот се наоѓа во близина на кинескиот природен резерват Таипингу.
Животното таму се наоѓа во опасност, а кинеските власти биле известени преку Министерството за надворешни работи и се обидуваат да ги отстранат сите поставени стапици за лов во оваа област и да ги известат локалните фармери. Тие се обидуваат да спречат тигарот на Путин да стане жртва на ловокрадци.
„Руски експерт ни се јави, не извести за локацијата на тигарот и изрази надеж дека ние ќе можеме да го заштитиме“, рекол директорот на кинескиот резерват Чен Жиганг.
Шумските власти во оваа област ќе постават и десетици камери во обид да го регистрираат тигарот, па дури биле подготвени да пуштат стока во шумата за да му послужи како храна на „гостинот“ од соседна Русија.
Во кинеските шуми има помалку од 100 примероци на тигри, затоа што нивната употреба во традиционалната кинеска медицина ги довела на работ на истребување.
Слично
