Економија, финансии, бизнис

Контакт

Тежок удар за „Малезија Ерлајнс“ – втора трагедија за четири месеци

Тежок удар за „Малезија Ерлајнс“ – втора трагедија за четири месеци
Акциите на малезиската авиокомпанија „Малезија Ерлајнс“ утрово на берзата во Куала Лумпур доживеаја голем пад, губејќи 13% од својата вредност, само ден откако малезискиот Боинг 777-200 на летот од Амстердам беше урнат во Украина, во близина на границата со Русија. Од почетокот на годината, акциите на компанијата која мистериозно загуби уште еден авион на 8 март годинава, паднаа за 37%. „Малезија Ерлајнс“ од почетокот на 2011 година забележа загуби од 4,57 милијарди рингити (1,4 милијарди долари) а минатата година исто така беше непрофитабилна за компанијата. Националниот малезиски државен фонд Казанах Насионал во јуни укажа на потребата за реструктурирање на компанијата за подобрување на нејзината финансиска положба. Сепак, аналитичарите сметаат дека на авиокомпанијата сега и претстои многу посложена задача - да го врати угледот во очите на патниците. На вест за несреќата на малезискиот авион, денеска се во пад акциите и на другите авиопревозници. Така акциите на Катај Пацифик Ервејз загубија 1,4%, Ер Чајна 1,3% од вредноста, а поевтинија и акциите на американските авиокомпании. Исчезнувањето на авионот МХ 370 на Малезија Ерлајнс во март годинава, во кој повеќето патници беа Кинези, доведе и до повик за бојкот на малезиската компанија чија репутација беше сериозно нарушена. Авионот кој вчера се урна и во кој загинаа сите 298 патници и членови на екипажот беше осигуран на 97,3 милиони долари. Групацијата осигурителни компании ја предводи Алијанц СЕ.
Слично

Поврзани вести