ТЕШКИ УСЛОВИ: Хрватска и Камерун ќе играат среде џунгла!
Опкружен со прашума покрај реката Рио Негро се наоѓа Манаус, главниот град на бразилската држава Амазонас. Неподносливо високи температури и екстремна влажност на воздухот се секојдневна појава. Локалното население се шегува дека во срцето на Амазон преживуваат само домородците и некој животински вид.
Веројатно затоа околината на Манаус е многу слабо населена - во близина нема поголем град во пречник од околу 1000 километри.
Но, токму тука вечерва на Светското фудбалско првенство силите ќе ги одмерат Хрватска и Камерун, а најголема загриженост за фудбалерите се токму временските услови.
За време на натпреварот не се очекуваат врнежи и температурата на воздухот се очекува да достигне 29 степени, но влажноста на воздухот може да биде меѓу 70 и 100%! Во такви услови, слични на сауна, тешко е да се седи на едно место, а не да се игра фудбал, велат експертите.
Фудбалери кои играле на овој терен велат дека условите се исклучително тешки, се губат многу течности, а особено неподносливо станува во второто полувреме од натпреварот. Се очекува секој од играчите кој ќе остане вечерва на теренот цели 90 минути да загуби три литри течност преку пот.
Затоа вечерва поблиску до победа секако ќе биде оној кој подобро се подготвил за екстремните временски услови.
Слично
