ТЕШКИ ЧАСОВИ ВО ЗАПОРОЖЈЕ - НАОКОЛУ ГРАНАТИРАЊА, РАБОТНИЦИТЕ СЕ ДРЖАТ ПОД ОРУЖЈЕ - Зеленски бара Русија да се повлече и да не му се заканува на цел свет
Нуклеарното тело на Обединетите нации ги повика официјалните лица да ја посетат украинската централа Запорожје што е можно поскоро поради обновените гранатирања во областа и предупреди на „катастрофални последици“ од продолжувањето на борбите во близина на најголемата европска нуклеарна централа.
„Ова е сериозен момент, тежок час и мора да и се дозволи на МААЕ да ја изврши својата мисија во Запорожје што е можно поскоро“, изјави шефот на агенцијата Рафаел Гроси на итниот состанок на Советот за безбедност на ОН во четвртокот вечерта.
Работниците, пак, во окупираната нуклеарна централа Запорожје опишаа за Би-Би-Си како ги држат под оружје додека руските трупи ја користат како воена база.
Двајца вработени рекоа дека секојдневно им се закануваат со киднапирање, покрај тоа што стравуваат од „радиоактивна контаминација на поширокиот регион“ или од нуклеарна катастрофа. Мојот работен ден е постојан стрес“, вели Свитлана. Таа и нејзиниот колега Никола сега можат да користат само руски SIM картички и сигналот е многу ограничен. „Психолошката ситуација е тешка. Војниците шетаат насекаде со оружје и сите сме на ќорсокак“, рече таа.
„Минатата недела не можев да дојдам ни на работното место, опасно е. Во саботата беше гранатирана фабриката за азот/кислород, што предизвика пожар. По некое чудо луѓето што работеа таму преживеаја“, додаде таа.
Во своето последно обраќање до јавноста, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Русија мора да се повлече од нуклеарната централа Запорожје за да ја врати „безбедноста на Европа“.
„Русија достигна ново ниско ниво во глобалната историја на тероризмот. Никој друг толку дрско не користел нуклеарна централа за да му се заканува на целиот свет и да бара одредени услови“, рече тој.
Извор: Индекс.хр