ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАД: Конечниот број на жртвите по нападот во Анкара е 95 лица
Конечниот број на жртвите по нападот во Анкара е 95 лица, 48 се во критична состојба, а 246 се во болници под лекарски надзор со полесни повреди од експлозиите.
Податоците беа обелоденети од Координативниот центар формиран од Владата на Турција, околу полноќ во неделата. Според официјалното соопштение истрагата на експлозиите од 10,04 ч. во саботата на плоштадот пред централната станица продолжува со засилена динамика.
Целта е да бидат откриени иницијаторите и нарачателите, и можното нивно брзо стигање на правдата. Повредените се сместени во 29 болници во турската престолнина и се под постојан лекарски надзор, 48 се подложени на интензивна нега поради исклучително тешките повреди по нивните тела, и има опасност за нивните животи. Во критични ситуации со пациентите во подготвеност се 5 санитарни хеликоптери и еден медицински хеликоптер.
Од времето на експлозиите до моментов 57 амбулантни возила на итната помош се во режим на континуирана должност, се наведува во пораката. Аутопсијата и идентификација на идентитетот на жртвите се изведуваат под раководство и надзор на јавниот обвинител. По нивното завршување телата ќе бидат предадени на семејствата, до моментов веќе 10 фамилии ги транспортирале своите мртви роднини назад во нивните домови. Координативниот центар во Владата беше известен од јавниот обвинител и ги соопшти имињата на веќе идентификуваните 52 жртви.
Вчера премиерот Ахмет Давутоглу прогласи 3 дена жалост. Во неделата во 15 часот тој ќе се сретне со лидерот на најголемата опозициска Републиканска народна партија Кемал Киличдароглу. Претседателот на Националистичката народна партија, Девлет Бахчели сепак одби да се вклучи во иницирана средба од премиерот.
