ТЕРЕЗА ПОТПИША: Британија тргнува на две годишно „патување“ за излез од ЕУ
Писмото со кое британскиот премиер Тереза Меј го извести претседателот на Европскиот совет за намерата на земјата да ја напушти ЕУ, треба да му биде врачено денеска (29 март) на претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
Со тоа се става почеток на постапката за излез на Велика Британија од ЕУ, со што ќе започнат тешки две годишни преговори.
Меј извести дека го доведува во акција член 50 од Лисабонскиот договор, со што ќе започне постапката за развод.
Според планот Велика Британија треба да ја напушти Заедницата во 2019 година, по референдумот од 23 јуни 2016 година, на кој 52 отсто од избирачите гласаа за излегувањето од ЕУ.
Писмото на Тереза Меј треба да му биде дадено на Доналд Туск од Тим Бароу, постојаниот претставник на Лондон при ЕУ. Денес Меј ќе го извести парламентот во Лондон за писмото.
Во рамките на 48 часа Туск ќе испрати нацрт до 27-те земји од ЕУ со општите принципи на позицијата со која тие ќе преговараат со Велика Британија. На 29 април се очекува и вонредна средба на државните и владините лидери од ЕУ за одобрување на обединета позиција.
