Тереза Меј се правда дека акцијата во Сирија е оправдана, но Британците не мислат така
Британската премиерка, Тереза Меј денеска изјави дека воената акција во Сирија била и „морално и легално оправдана“.
Таа вели дека Сирија се обидува да ги скрие фактите за хемискиот напад кој беше извршен со асистенција на својот сојузник Русија,
„Одлуката Британија да изведе воздушни напади врз Сирија беше во национален интерес на земјата и не е резултат на притисокот од американскиот претседател Доналд Трамп. Не го сторивме тоа на барање на претседателот Трамп, туку го направивме бидејќи веруваме дека тоа е праведна работа и оти не сме сами. За акцијата што ја презедовме постои широка меѓународна поддршка“ – рече Меј во обраќањето пред Парламентот.
Меј ја бранеше одлуката Велика Британија да им се придружи на САД и Франција во воздушните напади врз Сирија, откако дел од пратениците кажаа дека за акцијата прво требаше да се гласа во Парламентот.
Само една четвртина од Британците ја поддржуваат одлуката на Велика Британија да почне воздушни напади во Сирија за да го казни режимот на земјата за наводно користење хемиско оружје, покажува нова анкета на британски Индипендент.
Испитаниците во анкетата сè уште биле испитувани кога авионите на РАФ полетувале од Кипар за нивната мисија во петокот наутро.
Прашани до кој степен би ги поддржале „британските сили што спроведуваат насочени воздушни или ракетни напади врз воени цели на сириската влада“, само 28 отсто ги поддржале, додека 36 отсто се спротивставиле, 26 отсто ниту се спротивставиле ниту ги поддржале нападите, а 11 отсто одговориле „не знам“.
Интересно е тоа што идејата за зона на забранети летови над Сирија контролирана од западните сојузници добила многу поголема поддршка, што укажува дека голем број луѓе се убедени дека треба да се дејствува.
Речиси половина од испитаниците (47 проценти) ја поддржале зона на забранети летови за да се заштитат цивилите во граѓанската војна во Сирија, само 11 отсто се спротивставиле, 9 проценти ниту се спротивставиле ниту ја поддржале, а 12 отсто не знаат.
На прашањето дали луѓето би одобриле војници во Сирија во неборбени улоги третина рекле да, третина биле против, но имало силно противење на распоредувањето војници во борбени улоги - со 48 отсто неодобрување и само 19 проценти одобрување.
Велика Британија употреби четири „торнадоа“ на Кралските воздушни сили со проектили „сторм шедоу“ во воздушните напади, кои ги лансираа од британската база РАФ во Акротири, Кипар.
