Тензично во Бразил: Лула инаугуриран, Болсонаро летна за Флорида
Луис Инасио Лула да Силва положи заклетва и официјално стана претседател на Бразил. 77-годишниот левичарски политичар ја презеде функцијата во услови на засилени безбедносни мерки. Закани за насилство доаѓаа од поддржувачите на неговиот екстремно десничарски претходник Жаир Болсонаро. Полицијата пред инаугурацијата уапсила маж со експлозивна направа и нож.
Лула тесно го победи Болсонаро во октомври за да освои невиден трет претседателски мандат по паузата во која помина една и пол година зад решетки поради пресудата за корупција која подоцна беше поништена.
Помеѓу 2003 и 2010 година, тој помогна да се извлечат милиони Бразилци од сиромаштија за време на глобалниот бум на побарувачката на карактеристичните бразилски производи. Сега тој се соочува со застрашувачката задача да ја подобри стагнантната економија на Бразил додека ја обединува земјата длабоко поделена под владеењето на Болсонаро. Лула изјави дека негови приоритети ќе бидат борбата против сиромаштијата и инвестициите во образованието и здравството. Тој исто така рече дека ќе го запре илегалното уништување на шумите на Амазон.
И покрај строгите безбедносни услови, толпата приврзаници на Лула облечени во црвените бои на неговата Работничка партија се собраа пред зградата на бразилскиот Конгрес од рано изутрина. Тие дојдоа да ја видат свеченоста на инаугурацијата на Лула.
Болсонаро полета од земјата пред инаугурацијата. Неговиот авион слета на Флорида во саботата вечерта. Болсонаро очигледно го направил тоа за да не мора да му го предаде претседателскиот појас на својот ривал, а во исто време да се ослободи од сите непосредни правни ризици поврзани со крајот на неговиот мандат, пишува Ројтерс.
Болсонаро одби да го признае изборниот пораз и неосновано тврдеше дека бразилскиот изборен систем не е веродостоен. Некои од неговите поддржувачи протестираат веќе два месеци и повикуваат на воен удар за да се спречи Лула да се врати на функцијата.
Бразилската полиција во неделата уапси маж со експлозивна направа и нож кој се обидувал да влезе на јавниот плоштад во Бразилија каде што се одржувала инаугурацијата.
Полицијата пред извесно време пронашла експлозивна направа во близина на аеродромот во главниот град, а нејзиниот производител, според полицијата, тврдел дека е поддржувач на поранешниот претседател. Пред да замине, Болсонаро го осуди обидот за напад, нарекувајќи го „терористички чин“. Но, во исто време, тој ги пофали своите поддржувачи и демонстранти кои кампуваат пред касарните низ целата земја и повикуваат на државен удар од страна на армијата.
