ТЕЛАТА ВО НЕПАЛСКИОТ АВИОН СЕ ИЗГОРЕНИ ДО НЕПРЕПОЗНАТЛИВОСТ: 68 се извлечени, по останатите патници ќе се трага утре
Авионот кој летал
само 27 минути од Катманду до туристичкиот град Похара во Непал се урна во
клисура додека се обидувал да слета на новоотворениот аеродром, при што загинаа
сите 72 патници и членови на екипажот. Досега се извлечени 68 тела, а по
четририте потрагата ќе продолжи утре. Најмалку еден сведок изјави дека слушнал
повици за помош во најсмртоносната авионска несреќа во земјата во последните
три децении.
Локалниот жител Бишну Тивари, кој се упатил кон местото на несреќата во близина на реката Сети за да помогне во потрагата по тела, рече дека напорите за спасување биле отежнати од густиот чад и пожарот.
„Пламенот беше толку жежок што не можевме да се приближиме до урнатините. Слушнав човек како плаче за помош, но поради пламенот и чадот не можевме да му помогнеме“, рече Тивари.
Засега не е јасно што ја предизвикало несреќата, соопшти непалската управа за цивилна авијација, пренесува Boston Herald.
Сведок рече дека видел како леталото насилно се врти во воздухот откако почнало да се спушта за слетување, по што авионот се навалил прво кон левата страна и се урнал во клисурата.
Воздухопловната управа соопшти дека авионот последен пат остварил контакт со аеродромот 10:50 часот по локално време пред да се урне.
Двомоторниот авион ATR 72, управуван од непалската Yeti Airlines, леташе од главниот град Катманду до Похара, лоцирана на 200 километри западно. Во него имало 68 патници, меѓу кои 15 странски државјани, како и четворица членови на екипажот, се вели во соопштението на непалската управа за цивилна авијација. Меѓу странците имало пет Индијци, четворица Руси, двајца Јужнокорејци и по еден од Ирска, Австралија, Аргентина и Франција.
Пожарникарите ги носеа телата, некои изгорени до непрепознатливост, во болниците каде што се собраа роднините погодени од трагедијата.
Премиерот Пушпа Камал Дахал, кој се упати кон меѓународниот аеродром Трибхуван во Катманду по несреќата, формираше специјален тим за да ја истражи несреќата.
Покара е портата на патеката Анапурна, популарна патека за пешачење на Хималаите. Новиот меѓународен аеродром во градот започна со работа пред само две недели.
EPA-EFE/BIJAYA NEUPANE
