Талибанците се изјаснија дека жените во Авганистан ќе ги имаат сите права по шеријатскиот закон
Портпаролот на Tалибанците Забихула Муџахид во Кабул зборуваше за правата на жените и рече дека ќе ги имаат сите права според шеријатот.
„Им ги гарантираме сите права на жените според шеријатскиот закон. Жените можат да работат во образованието и здравството. Ако меѓународната заедница е загрижена, треба да знае дека нашите жени ќе ги имаат сите права според шеријатот. Нашите жени се муслимани и мора да го почитуваат шеријатскиот закон“, рече тој.
За време на претходното владеење на Талибанците во Авганистан, помеѓу 1996 и 2001 година, жените мораа да бидат во своите домови и не им беше дозволено да ги напуштат, освен во придружба на маж. Шеријатскиот закон е исламски правен систем.
Неверство, лажно обвинување за нелегален сексуален однос, пиење алкохол, кражба се генерално меѓу најтешките прекршоци, што значи дека сторителите можат да бидат камшикувани, каменувани, протерани или погубени. Казната предвидена за такви кривични дела вклучува ампутација на дел од телото. Талибанците следат екстремна верзија на шеријатот во која се практикуваат јавни егзекуции и отсекување делови од телото, забрана за музика, телевизија и тепање мажи кои не се молеле пет пати на ден или ја избричиле брадата.
foto unsplash.com
