Тајното писмо на Никсон до Клинтон открива дека војната во Украина ќе биде покрвава од таа во Босна
Претседателската библиотека Клинтон ја декласифицираше содржината на писмото испратено од Ричард Никсон, поранешниот шеф на Белата куќа, до тогашниот американски претседател Бил Клинтон на 21 март 1994 година, еден месец пред неговата смрт. Според медиумите, се споменува потенцијална војна во Украина, која тој ја споредил со онаа во Босна и Херцеговина.
"Vecernji List" наведува дека во тоа писмо, кое се покажало како пророчко, 81-годишниот Никсон дал оценка на седум страници за политичката ситуација во Русија, на чие чело тогаш бил претседателот Борис Елцин.
Никсон предвидува прекин на односите меѓу Москва и Киев и дека некој од националистите би можел да ја преземе власта.
Се наведува дека, иако Никсон многумина го паметат по аферата „Вотергејт“, треба да се каже дека за време на Студената војна бил иницијатор за подобрување на односите со Советскиот Сојуз.
Во 1972 година, во Москва, Никсон, како прв американски претседател кој го посети главниот град на Русија, потпиша договор со советскиот лидер Леонид Брежњев за ограничување на стратешкото нуклеарно оружје.
Никсон му го напишал писмото на Клинтон откако се вратил од дводневното патување во Русија и Украина, а врз основа на она што го видел таму, му рекол на Клинтон дека новосоздадената демократија е во опасност и дека деновите на Борис Елцин како несомнен лидер на Русија се избројани.
„Неговите напади на обилно пиење се подолги, а периодите на депресија се почести. Најпроблематично е што, во антиамериканската атмосфера во Думата и во земјата, тој повеќе не може да ги исполнува своите обврски кон вас и кон другите западни лидери“, ја опиша Никсон тогашната состојба на рускиот претседател.
Никсон ја оценил ситуацијата во Украина во тоа време како „многу експлозивна“ и изјави дека „ако се дозволи да излезе од контрола, Босна ќе изгледа како градинарска забава“, мислејќи на војната што во тоа време била во полн ек.
