СВЕТСКИ ЕКОНОМСКИ ФОРУМ ДАВОС: 52 шефови на држави, 56 министри за финансии, 19 гувернери, 75 министри за трговија и надворешни работи...
Голем број високи владини функцонери од вчера до 20 јануари 2023 година ќе престојуваат во швајцарскиот град Давос, каде ќе присуствуваат на годишниот состанок на Светскиот економски форум, насловен „Соработка во фрагментиран свет“
Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос се одржува по 53-ти пат, а тука се собираат и рекорден број бизнисмени, претставници на најголемите светски компании, државни лидери и познати личности.
Во Давос е претседателот на Македонија, Стево Пендаровски кој веќе се обрати на панел сесијата „Во одбрана на Европа“ каде истакна дека „не е загрижен дека трансатлантското и паневропското единство и солидарност ќе го имаме и годинава, но се прашувам дали ќе се задржи и кога војната во Украина ќе заврши, а тоа е клучно за да надвладее демократијата над автократијата“. - Сакаме војната да заврши уште денеска, но логиката на државите и на националните интереси како што е веќе со векови, е првенствено да се грижите за сопствениот двор. Ако повторно им даваме приоритет на националните интереси на државите, тогаш ова единство и солидарност ќе го снема - рече Пендаровски. Покрај шефот на македонската држава, на сесијата „Во одбрана на Европа“, учествуваат и претседателите на Полска Анджеј Дуда и на Литванија Гитанас Науседа, министерот за надворешни работи, ЕУ и соработка на Шпанија Хозе Мануел Алваерез Буено и лидерка на Демократските сили на Белорусија Светлана Тихановскаја Како што е најавено на овој настан ќе се соберат 52 шефови на држави, 56 министри за финансии, 19 гувернери на централни банки, 30 министри за трговија и 35 министри за надворешни работи. Сепак, на годинешниот состанок во швајцарското монденско зимско одморалиште, вниманието го привлекуваат и истакнати личности кои нема годинава да се појават во градот. Имено, германскиот канцелар Олаф Шолц е единствен челник на земја од групата индустриски најразвиени земји во светот Г7 кој присуствува на 53-от состанок на Светскиот економски форум. Американскиот претседател Џо Бајден, неговиот француски колега Емануел Макрон и британскиот премиер Риши Сунак нема да присуствуваат на состанокот во Давос. Нема да дојдат ниту моќните играчи надвор од Г7, во прв ред кинескиот претседател Кси Џинпинг, ниту бразилскиот левичар Луиз Инасио Лила да Силва.
Оваа година нема да има ниту претставник од Русија, но се очекува присуство од кинеска делегација, како и претставници на Украина.
На настанот ќе присуствуваат шефовите на Обединетите нации (ОН), Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската трговска организација (СТО).
Од соседството, најавено е и присуството и обраќање и на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
Иако е средината на јануари на Алпите годинава речиси и да нема снег, па годинава ќе има повеќе од необична слика која ќе биде испратена од Давос.
Форумот во познатиот швајцарски зимски центар Давос последен пат се одржа во своето традиционално време, во јануари 2020 година, бидејќи во 2021 година беше организиран виртуелно, а во 2022 година беше одложен за мај поради корона вирусот.
Големината на овој настан се рефлектира во вредноста на оние кои ќе присуствуваат на форумот во Швајцарија. Во прашање се извршните директори и претседавачите на Форумот и 1.000 партнерски компании кои се активно вклучени во иницијативи и заедници како што се Меѓународниот деловен совет, Заедницата на индустриски претседавачи и гувернери.
На состаноците се очекува да бидат покренати различни прашања - од иднината на вештачките ѓубрива и улогата на спортот во општеството до пандемијата на Ковид-19 и други прашања.
Се очекува да присуствуваат скоро 600 извршни директори на компании и повеќе од 50 шефови на држави и влади, но никогаш не е јасно колку конкретни активности ќе произлезат од тој собир на елитата, според АП.
Забавувањето на глобалната економија ќе биде главна тема во Давос, каде говорат или ќе говорат бројни претставници, од директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, до претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард.
Меѓу главните теми на панелите на форумот е преминот од фосилни горива кон чиста енергија. Поранешниот американски потпретседател Ал Гор ќе зборува за декарбонизацијата, напорите за изградба на чиста енергетска инфраструктура и обезбедување правична транзиција.
Една жешка тема на агендата - употребата на нуклеарна фузија - се фокусира на наука која нуди огромен потенцијал, но е многу децении далеку од комерцијална употреба што би можела да ги задоволи светските енергетски потреби.
Планирани се и сесии за прашања како адаптација на климатските промени и панели за уништување на шумите, биодиверзитетот и иднината на заштитата на животната средина.
Собирот на елитата често е мета на критики од противниците кои тврдат дека учесниците се премногу недопирливи, или богати или моќни за да се грижат за потребите на обичните луѓе и на планетата.
Фото: EPA/ LAURENT GILLIERON
