Светска банка вели дека дури 1,2 милијарди луѓе немаат пристап до струја
Извештајот на Светска банка вели дека дури 1,2 милијарда луѓе немаат пристап до струја. Најголем дел од популацијата што живее без електрична енергија е во земјите во развој во Азија и во Африка, а дури 80 проценти од овие нив живеат во рурални средини.
Без пристап до електрична енергија се 1,2 милијарда луѓе, што е речиси колку популацијата на Индија, додека 2,8 милијарди луѓе користат дрво или биомаса за готвење и затоплување на своите домови. Ова е наведено во извештајот на Светска банка, која исто така посочи дека обновливите извори на енергија опфаќаат само 18 отсто од вкупната енергија.
Како најдобар пример за најголема заштеда на енергија и најголема експанзија на искористување на обновливите извори Светска банка ја посочи Кина. Извештајот е прв во низата за следење на напредокот кон остварување на целите на програмата насловена „Одржлива енергија за сите“, која во 2011 година ја почна генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун,
Во Светска банка посочуваат дека треба да се направи многу за да се исполнат целите на програмата и да се овозможи 100 отсто пристап на струја до сите домаќинства и двојно да се зголеми користењето на обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност до 2030 година.
Во извештајот е посочено дека иако во периодот од 1990 до 2010 година 1,7 милијарда луѓе добиле електрична енергија, сепак не било доволно да се покрие цела популација, поради високата стапка на пораст на населението. Тие препорачуваат двојно зголемување на активностите за поврзување на домаќинствата со електрична енергија. Програмата „Одржлива енергија за сите“ исто така има за цел да се постигне удвојување на уделот на обновливите енергии во вкупното производство на енергија од сегашните 18 на 36 проценти до 2030 година. Во извештајот се заклучува дека е потребна акција за да се постигнат целите и повикуваат на политички мерки, вклучувајќи фискални, финансиски и економски иницијативи, како и исфрлање од употреба на фосилни горива. објави„Нова Македонија“.
