„СВЕТОТ МОЛЧИ, ТОА Е ОПАСНА ПОРАКА“: Светските лидери беа на самит во Каиро , повикаа на масовна помош и прекин на огнот
Светските лидери,
кои се собраа во Каиро за да разговараат за кризата и мирот во Газа, повикаа на
„прекин на огнот“ меѓу Израел и Хамас, повикаа на „масовна“ помош за Газа и на
конечно „решение“ на 75-годишниот израелско-палестинско конфликт. „Мораме да
дејствуваме сега за да ставиме крај на овој кошмар“, рече шефот на ОН Антонио
Гутереш.
Генералниот секретар на ОН истакна дека на Појасот Газа „потребна е испорака на големи количества помош“. Изутринава од Египет стигнаа само 20 камиони, а ОН веруваат дека се потребни најмалку 100 камиони дневно за 2,4 милиони жители на Газа кои се лишени од сè.
Кралот Абдула Втори од Јордан, повика на „итен прекин на огнот“, а египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси рече дека „единственото решение за палестинското прашање е правдата“, нагласувајќи дека станува збор за „правото“ на Палестинците „да основаат сопствена држава“.
„Светот молчи. Тоа е опасна порака“
„Светот молчи“, рече Абдула, додавајќи дека тоа е „многу опасна порака“, бидејќи „арапскиот свет ја слуша следнава порака - животите на Палестинците вредат помалку од животите на Израелците. Нашите животи вредат помалку отколку животите на другите, човековите права имаат граници, границите, расите и религиите ги спречуваат“.
Шефот на турската дипломатија Хакан Фидан ја осуди „безусловната воена помош за Израел, чија цел е само продолжување на окупацијата“ на палестинските територии. Саудискиот министер за надворешни работи Фајсал бин Фархан го осуди отфрлањето на двете резолуции од страна на Советот за безбедност на ОН со кои се бара прекин на непријателствата.
Шефот на француската дипломатија, Катрин Колона, се залагаше да им се дозволи на сите што сакаат да ја напуштат Газа, мислејќи на вработените во Францускиот културен центар во Газа, една од ретките странски институции чии вработени останаа во Појасот Газа.
фото: EPA