СВЕДОШТВО: Исламската држава практикува психичка тортура
Сириски активист кој поминал време во заробеништво со сега веќе погубениот американски новинар Џејмс Фоли, сведочи за суровиот пристап на Исламската држава.
Луај Абдул – Џуд поминал шест месеци во заробеништво, а бил ослободен при размена на затвореници со Слободната сириска војска.
Тој истакнал дека бил киднапиран во ноември минатата година, заедно со снимателот додека известувал за агенцијата „АФП“ за бомбашкиот напад во Алепо.
„Затворениците повеќе се изложени на психичко отколку физичко насилство. Ни ставаа нож под врат со закана дека ќе бидеме заклани. Тоа траеше премногу долго и тоа остава поголеми последици од физичкото злоставување“, навел Абдул Џуд.
Исто така, рекол дека одреден период поминал во потполно мрачна самица, каде повремено доаѓале џихадисти и го известувале дека ќе биде убиен - „не денес ама утре со божја воља“, велеле тие.
Абдул – Џуд открил дека затворениците кои не биле новинари редовно биле претепувани и мачени, а џихадистите ги приморувале да висат со главата надолу и дека со жилет им ги сечеле стапалата.
Џејмс Фоли е првиот новинар кој беше јавно погубен, а потоа со истата судбина се соочија уште неколку медиумски работници и хуманитарци.
За сега со смртта не се соочил само Џон Кантли, кој бил киднапиран во исто време со Фоли, но него џихадистите го користат за пропагандни цели, како „репортер“ во видеоснимките кои редовно ги објавуваат.
Слично
