Суспензија на преговорите за укинување на визите – прва мерка од ЕУ кон Москва!
Европската унија одлучи да ги замрзне преговорите за визна либерализација со Русија, како прва санкција за Москва по интервенцијата на Кримскиот Полуостров.
Европските челници се состанаа денеска во Брисел да ги усогласат ставовите во врска со украинската криза. Според претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј, Европа се соочува со најголемиот предизвик од конфликтот во поранешна Југославија.
Ставовите на европските земји во поглед на украинската криза се разликуваат - едни, пред се оние од Истокот, бараат итни санкции за Русија, додека други, како Германија, повеќе веруваат во моќта на дипломатското убедување. Сепак, на денешниот состанок тие се усогласиле за тристепени санкции против Москва, кои ќе се воведуваат постепено во зависност од односот на Русија во Украина.
Првиот чекор е суспензија на преговорите за визна либерализација, а земјите-членки на ЕУ нема да учествуваат на состанокот на Г8, што Русија го организира во Сочи.
Вториот степен на санкции кон Русија би можел да опфати забрана за патувања и замрзнување на рускиот имот, предупреди Ван Ромпуј, кој побара од руските оружени сили итно да се повлечат од Украина.
САД исто така најавија санкции за Москва, кои вклучуваат - заострување на визниот режим, замрзнување на имотите на одредени руски официјални претставници во САД и намалување на деловните врски меѓу двете земји.
Во меѓувреме, по разешениот украински претседател Виктор Јанукович ќе трага и Интерпол, откако таму ја добија потерницата што по Јанукович ја распишаа новите украински власти.
Слично
