СУРОВА КАЗНА ОД 5 ДО 50 МИЛИОНИ ЕВРА: Германија ќе ги казнува социјалните мрежи за „нелегална“ содржина
Германските пратеници го усвоија контроверзниот закон, според кој социјалните мрежи може да бидат казнети со сума до 50 милиони евра, ако не избришат говор на омраза од нивните страници, соопштува The Verge. Новиот закон усвоен од Бундестагот, влегува во сила во октомври.
Социјалните мрежи ќе бидат казнети сурово, ако во рок од 24 часот не ја избришат „очигледно незаконската“ содржина, вклучувајќи говор на омраза, клевети и побуди кон насилство. Првичната казна ќе изнесува 5 милиони евра, а таа може да може да порасне до 50 милиони евра при повторено непочитување на законот. За случаите кои се спорни, интернет компаниите ќе имаат до една недела да донесат одлука.
Министерот за правда на Германија Хајко Мас и други поддржувачи на новиот нацрт-закон аргументираат дека тој е потребен за справување со ширењето на говор на омраза. Активистите за правата во дигитален простор велат дека новиот закон ќе ја наруши слободата на говорот, а освен тоа ќе им даде на технолошките компании непропорционална одговорност при утврдувањето на законитоста на онлајн содржините.
