СУДАНСКИТЕ БОРЦИ ЗАЗЕМАА ЛАБОРАТОРИЈА ВО КАРТУМ: СЗО предупреди за можна биолошка бомба
Светската здравствена организација (СЗО) предупредува за можна биолошка бомба во градот Картум. Заземена е лабораторијата во која се чуваат изолати од полио, сипаници и колера.
Суданските борци ја зазедоа Националната лабораторија за јавно здравје во суданскиот главен град Картум. Лабораторијата инаку е окупирана за време на примирјето на кое инсистираа Соединетите Американски Држави (САД), првенствено за да можат странските земји да ги евакуираат своите државјани од Судан.
На 15 април почнаа борбите меѓу суданските вооружени сили (САФ) и паравоените сили за брза поддршка (РСФ). Двете страни се согласија на 72-часовно примирје кое започна во вторникот по преговорите со посредство на САД и Саудиска Арабија.
Нима Садид Абид, претставник на СЗО во Судан, тврди дека таквиот развој на настаните е „исклучително опасен“ и дека постои огромен „биолошки ризик“. Се вели дека лабораторијата во неколку наврати останала без струја, што значи „дека веќе не може правилно да се управува со биолошкиот материјал складиран во лабораторијата за медицински цели“.
Во Судан загинаа над 459 луѓе, а илјадници се повредени. Повеќе од 60 отсто од здравствените установи во Картум се затворени поради конфликтот во Судан, соопшти денеска Светската здравствена организација.