Субрата Рој се спаси од спиење на затворскиот под само затоа што имал над 60 години!
Индискиот бизнисмен Субрата Рој веќе втор ден е во затворот Тихар, еден од најголемите затворски комплекси во цела Азија. Портпаролот на затворот Сунил Гупта за индиските медиуми изјавил дека кон Рој се однесуваат како кон секој друг затвореник.
„Како што е вообичаено за сите затвореници тука, и Рој требаше да спие на подот. Но, кога стигна во затворот беше утврдено дека има над 60 години, заради што согласно законските прописи, му беше доделен кревет“, рекол Гупта.
И на Рој како и на останатите во затворот му следувала иста порција храна, која бизнисменот навикнат на луксуз не ја одбивал.
Над 13.000 затвореници има во затворот Тихар според последните податоци, иако капацитетот на затворот е 5.200 лица. Најголемиот дел од нив се таму иако не е завршен судскиот процес против нив, само затоа што не можат да платат кауција за да се бранат од слобода. За Рој кауција не е можна - тој ќе остане во затворот до 11 март, кога треба да понуди прифатливо решение за обесштетување на стотици илјади ситни инвеститори.
Додека тој е во затвор, неговата компанија бара начин да го отплати долгот кој изнесува околу 4 милијарди американски долари. Судот не прифати „Сахара“ да понуди банкарска гаранција дека парите ќе ги исплати за 3-6 месеци. Рој исто така понудил и продажба на имотот на „Сахара“, но според индиското регулаторно тело за финансиска стабилност СЕБИ вредноста на дел од тој имот е спорна, а за дел компанијата не можела да ги понуди потребните документи.
СЕБИ не ја исклучува можноста да заплени дел од имотот на Сахара, не само дома туку и во странство. „Во моментов замрзнат е дел од домашниот имот но чекаме насоки од судот пред да продолжиме со продажба. Првичната судска одлука не прави разлика меѓу имотот на компанијата дома и во странство, така што не гледам причина да не продолжиме со замрзнување на имотот и во странство“, изјавил извор во СЕБИ кој побарал да остане анонимен.
Слично
