Субрата Рој почна да го продава имотот за да најде пари за кауција
Индиската групација „Сафал“ купила 42 хектари градежно земјиште во близина на местото Шела кај Ахмедабад од групацијата „Сахара“ за речиси 100 милиони американски долари.
„Сахара“, компанијата на индискиот бизнисмен Субрата Рој, го продала вредниот имот за речиси половина од цената на која што го проценува, само за да обезбеди пари за кауцијата на својот газда и негово ослободување од затвор, пишуваат индиските медиуми.
Овој имот групацијата „Сахара“ го купила кон крајот на 90-тите години и имала намера таму да изгради населба со 4.000 куќи, за што веќе започнала да собира и резервации од потенцијални инвеститори. Сепак компанијата не успеала да го изгради комплексот до 2007 година, како што се обврзала.
Земјиштето им било продадено на „Сафал“ по цена од околу 230 долари за еден метар квадратен, додека пазарната цена на земјиштето во оваа област се движи над 500 долари за квадратен метар.
Конкурентската групација „Сафал“ која го купи имотот исто така најавува дека таму ќе гради комплекс од вили, бунгалови и апартмани.
Иако вчера беше објавено дека судот го прифатил барањето на Рој за исплата на кауцијата на три рати, сепак формалната одлука на судиите се уште не е донесена. Врховниот суд вчера донел т.н. резервирана одлука, која во принцип значи дека судиите сакаат уште еднаш да ги разгледаат сите факти во овој случај и добро да размислат.
Доколку биде и официјално потврдена одлуката, Рој ќе мора во рок од три дена да уплати 2.500 крори (околу 415 милиони долари), а уште 2.500 крори, како и банкарска гаранција за преостанатите 5.000 крори (околу 830 милиони долари) да достави во следните 60 дена.
Слично
