Субрата Рој останува во затвор на неодредено време
Индискиот бизнисмен Субрата Рој останува во затвор на неодредено време, откако Врховниот суд одлучи да го одложи рочиштето за неговиот случај, кое беше закажано за денеска.
Рочиштето се одлага затоа што Рој немал конкретен предлог за обесштетување на инвеститорите да достави пред судиите. Ваквата одлука може да го продолжи престојот на Рој во озлогласениот индиски затвор Тихар на неодредено време, односно сé додека тој самиот не побара да презентира прифатливо решение за обесштетување на инвеститорите на кои се верува дека им должи околу 4 милијарди долари.
Претходниот предлог на Рој да исплати помала сума за инвеститорите и да обезбеди банкарски гаранции оти остатокот ќе го плати до средината на 2015 година судиите го оценија како „понижувачки“.
Во меѓувреме, апсењето на Рој ги парализираше сите активности на неговата компанија „Сахара Индиа Паривар“ во Индија. Така, денеска е одложено лансирањето на првата индиска транспортна служба со хидроавиони, проект во кој учествува и Рој. Според планираното, хидроавионите требаше да го поврзат Мумбај со Амбар Вели, пристаништето во сопственост на „Сахара“.
Индиските медиуми пишуваат дека целата услуга се одлага „заради длабоките финансиски проблеми во кои се наоѓа компанијата на Рој“.
Слично
