Субрата Рој го продава највредниот имот – њујоршкиот хотел „Плаза“?
Индискиот бизнисмен Субрата Рој собира понуди за еден од највредните имоти во негова сопственост, хотелот „Плаза“ на Менхетен во Њујорк, во обид да пронајде доволно пари за да ги исплати ситните инвеститори и да излезе од затвор.
Весникот Вол Стрит Журнал објавува, повикувајќи се на извори добро запознаени со ситуацијата, дека хотелот Плаза, кој е еден од најпознатите хотели во светот и е стар повеќе од еден век, ќе биде првиот од кој ќе мора да се откаже Рој. Иако индиските судови во ноември му забранија на бизнисменот да отуѓува имот од неговата „Сахара“ групација, тој сепак бара понуди.
Досега јавно беше објавена понудата на едно арапско семејство кое за овој и уште два други помали хотели понудило 1,61 милијарди долари, но оваа понуда Рој ја одби во ноември со образложение дека имотот на „Сахара“ во странство не е на продажба. Сега, иако хотелот не е официјално понуден на продажба, според информации на весникот, „Сахара“ веќе разговара со потенцијални купувачи.
Портпаролот на „Сахара“ Гулам Зишан потврдил дека за „Плаза“ стигнале повеќе понуди во последните неколку месеци, а Рој е подготвен да разговара за продажба доколку некој понуди „извонредна цена“.
Со реновирање пред неколку години, капацитетот на хотелот „Плаза“ се намали од 800 на 282, а неколку ката беа продадени како луксузни апартмани. Сепак заради врвната локација и својата историска и културна вредност, овој хотел се смета за еден од највредните објекти во Њујорк. Најевтиното ноќевање во „Плаза“ чини 1.450 долари.
„Сахара“ групацијата во 2012 година купи 75% од овој хотел за 431 милиони долари од израелската компанија Ел-Ад Пропертис. Саудискиот принц Ал-Валид бин Талал ги поседува останатите 25% од луксузниот објект во кој беше снимен филмот „Големиот Гетсби“ и во кој често отседнуваа Мерлин Монро, Марлен Дитрих и Битлси.
Меѓу претходните сопственици на „Плаза“ беа и американските милијардери Конрад Хилтон и Доналд Трамп, кој овој објект го споредуваше со „Мона Лиза“.
Инаку, индискиот Врховен суд за утре закажа ново рочиште на кое очекува индискиот бизнисмен Рој да понуди модел за обесштетување на милиони измамени ситни инвеститори во неговата компанија, на кои се смета дека им должи речиси 4 милијарди долари. Во меѓувреме, индискиот бизнисмен и натаму останува во затворот Тихар.
Слично
