СТРАШНИ БРОЈКИ: Над 46 илјади луѓе починаа во земјотресот во Турција и Сирија, разурнати над 200 илјади домови
Повеќе од 46.000 луѓе загинаа во земјотресот што на 6 февруари ги погоди Турција и Сирија, според последните официјални податоци, а бројот на жртвите се очекува дополнително да се зголеми, јавуваат агенциите.
На југот на Турција се регистрирани 40.642 жртви од земјотресот, изјави шефот на Управата за вонредни ситуации на Турција (АФАД) Јунуз Сезер, додека од соседна Сирија има повеќе од 5.800 загинати.
„Денес повторно имавме добри вести во операциите за пребарување и спасување. Имавме граѓани кои 13-ти ден преживеаја под урнатините. Ни даде и надеж и среќа. За жал, има зголемување на бројот на граѓани кои ги загубија животите - бројот на загинати се искачи на 40.642“, го цитира агенцијата Анадолија началникот на Управата за вонредни ситуации.
Сезер им се заблагодари на меѓународните спасувачки тимови за помошта и поддршката, наведувајќи дека 11.488 дошле од 80 земји да помогнат и да бараат преживеани.
Над 264.000 домови во Турција се уништени, многу се уште се водат како исчезнати, но спасувачките тимови продолжуваат да бараат знаци на живот под урнатините.
Додека Турција се обидува да се справи со својата најголема модерна катастрофа, се зголеми загриженоста за жртвите од трагедијата во Сирија, а Светската програма за храна (WFP) ги притиска властите во северозападниот дел да прекинат со блокирањето на пристапот до областа додека се обидува да им помогне на стотици илјадници луѓе уништени од земјотреси.
