СТРАНЦИ ОД ЧЕТИРИ ЗЕМЈИ САКАЛЕ ДА КУПАТ ИМОТИ: Европска земја не им дозволи
Финското Министерство за одбрана отфрли 11 барања за лиценца за купување недвижен имот поднесени од граѓани надвор од Европската Унија и Европскиот економски простор (ЕЕА).
Финскиот министер за одбрана Анти Хаканен оцени дека купувањето недвижен имот од странски субјекти може да се користи за хибридни тактики на влијание, објави Министерството.
„Затоа, ги отфрламе аквизициите на недвижности за кои веруваме дека ја загрозуваат националната безбедност и безбедноста на снабдувањето и имаат потенцијал да ја нарушат организацијата на активностите за национална одбрана“, изјави Хаканен, пренесува Бета, повикувајќи се на финскиот портал Yle.fi.
Министерот додаде дека финскиот систем на дозволи за трансакции со недвижности е ефикасна мерка, вклучително и забраната за руски и белоруски државјани без постојан престој да купуваат недвижности, која беше воведена ова лето.
Според Министерството за одбрана, подносителите на барањето биле државјани на Русија, Израел, Казахстан и Киргистан.
Имотите за кои не се издадени дозволи се наоѓаат низ цела Финска, а подносителите на барањето навеле дека планираат да ги користат имотите за деловни, шумарски, станбени, рекреативни и други цели, пишува biznis.rs.
foto Wikipedia/Josefiina Alanen
