Економија, финансии, бизнис

Контакт

Столтенберг: Нуклеарните закани на Русите не вознемирија

Столтенберг: Нуклеарните закани на Русите не вознемирија

Руската провокативна реторика за нуклеарното оружје и драматичната експанзија на летови на нејзините стратегиски бомбардери се „длабоко вознемирувачки и опасни“, истакнал во Вашингтон генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

„Остварувањето на руските планови да распоредат ракети кои можат да носат нуклеарни боеви глави во Калининград, во близина на полската граница, како и заканата за поставување нуклеарно оружје на Крим суштински би ја промениле безбедносната рамнотежа во Европа“, изјавил вчера Столтенберг на собирот на Институтот за стратегиски и меѓународни студии во американската престолнина.

Столтенберг остро го критикувал руското однесување во последната година „вклучувајќи ја и оружената интервенција во Украина“, и ветил дека Алијансата ќе ја удвои својата посветеност на „колективната одбрана“.

Генералниот секретар на НАТО истакнал дека летовите на руските стратегиски бомбардери се рашириле „од Јапонија до Гибралтарот, од Крит до Калифорнија, од Балтичко до Црно Море“.

„Кога станува збор за прашање за нуклеарното оружје внимателноста, предвидливоста и транспарентноста се од витално значење“, истакнал Столтенберг, според кој руското „тропање со нуклеарната сабја е неоправдано, дестабилизирачко и опасно“.

Столтенберг исто така ја критикува Русија и поради изведувањето на ненадејни воени вежби, што претставува кршење на меѓународните договори со кои од владата се бара да ги споделува информации за планираните вежби и на нив да се поканат странски набљудувачи.

Русија во близина на границата со Украина токму оваа недела одржува уште една таква вежба во која учествуваат над 250 авиони и 700 парчиња тешко оружје.

Наведувајќи го примерот на наводните руски акции во Украина, Столтенберг заклучил дека Русија „ја демонстрира својата воена сила, поттикнува агресивен национализам и го истакнува правото на наметнување на својата волја врз соседите и одземање територија“.

Слично

Поврзани вести