Столтенберг: Нема да победите во нуклеарна војна, подгответе се за тешки последици
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека употребата на нуклеарно оружје со мала моќност во Украина ќе има сериозни последици за Русија.
На прашањето каков ќе биде одговорот доколку Русија некаде употреби нуклеарно оружје, Столтенберг рече дека НАТО е одбранбен сојуз и дека е таму за да спречи конфликт или војна.
- Затоа, ја зајакнавме нашата моќ на одвраќање за да испратиме многу јасна порака до Русија дека сме тука да ги заштитиме и браниме сите членки на Алијансата. Видовме шпекулации за употреба на нуклеарно оружје со краток дострел во Украина и тука сме да и ставиме јасно до знаење на Москва дека тоа ќе има сериозни последици за Русија - рече Столтенберг на прес-конференција пред почетокот на дводневниот состанок на министрите за одбрана на НАТО.
Тој потсети дека Русија „знае дека нуклеарна војна не може да се добие, ниту пак некогаш треба да дојде до тоа“.
- Исто така, внимателно ја следиме нуклеарната позиција на Русија. Не видовме никакви промени во нуклеарната позиција на Русија, но ќе останеме будни, внимателно ќе следиме сè поради нуклеарните закани, нуклеарната реторика. Скриените закани на Русија се опасни и непромислени - потенцираше Столтенберг.
