Сто илјади Палестинци бараат спас од пеколната Газа
Бројот на Палестинци кои бараат прибежиште од израелската офанзива во Појасот Газа надмина 100.000, објави Агенцијата за бегалци на Обединетите нации.
Портпаролот на агенцијата Кристофер Ганес вели дека овој број е двојно поголем во споредба со оној од судирите во 2009 година.
Агенцијата на ОН отвори 69 засолништа во Газа за раселените, додека Израел ги продолжува нападите од воздух, вода и копно, гранатира куќи, канцеларии и други цели, во офанзивата чија цел е да ги запре ракетните напади на Хамас.
Овој судир е најкрвав од судирите кои започнаа кон крајот на 2008 година и траеја три недели. До сега, во обновените пресметки се убиени 570 Палестинци и 27 Израелци.
Бројот на загинати и раселени драстично се зголеми откако Израел во четвртокот, по 10 дена бомбардирање на Газа, започна и копнена офанзива.
Израелската војска трпи бројни критики заради големиот број цивилни жртви во нападите. Турција од денеска прогласи тридневна жалост заради случувањата во Газа и големиот број цивилни жртви во израелската операција.
Турција е еден од најжестоките критичари на интервенцијата на израелската војска во Газа, а турскиот премиер Реџеп Тајип Ердоган ги спореди нападите на Израел врз палестинското население со геноцидот на Хитлер врз еврејскиот народ за време на Втората светска војна.
Слично
