СРЕДБА ВО САУДИСКА АРАБИЈА: Каква судбина кројат за Украина?
Новинарката на „Фокс њуз“ и дописничка од Белата куќа, Жаки Хајнрих извести дека САД и Русија моментно расправаат за план за мир во Украина во три фази – примирје, избори во Украина и потпишување на финален договор.
По разговорите меѓу САД и Русија, Стејт департментот извести дека американската и руската делегација се договориле за „отстранување на пречките“ за билатералните односи и за продолжување на подготовките за преговори за руската војна против Украина. Конректно, договорено е именување на „тимови на високо ниво“ за преговори за Украина.
„Преговорите меѓу администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп и Русија без учество на Украина и Европејците само ќе „го отворат апетитот на Владимир Путин“, изјави денеска за AFP неименуван висок украински функционер.
Франција планира во среда да одржи втор состанок за Украина и европската безбедност, но овојпат ќе бидат повикани европски земји кои не беа присутни на претходниот состанок, како и членката на НАТО Канада, пренесе „Ројтерс“. Руската инвазија на Украина почна пред скоро три години.
