СРБИ И БОСАНЦИ – ПОМОШНИЦИ НА РУСКИ АГЕНТИ СТАВААТ ПУР ПЕНА ВО АСПУХОТ НА ВОЗИЛАТА: Прават штета за пари!
Помошници на
руски агенти, вклучително и луѓе од Србија и Босна и Херцеговина, ги оштетуваат
автомобилите во Германија за да ја дискредитираат партијата на Зелените за
време на предизборната кампања, затворајќи ги издувните цевки на возилата со пур
пена, пренесува ДВ.
Автомобилот нема да стартува поради пената.
Акцијата трае само неколку секунди. Спреј-лименката со ПУР-пена (градежна, полиуретанска) се приближува до издувната цевка на паркираниот автомобил. Се прска еднаш или двапати – и готово. Кога пената ќе се стврдне, автомобилот повеќе не може да се запали. Детска пакост или кривично дело за оштетување на имот од малолетни деликвенти или активисти за заштита на животната средина?
Според пишувањата на медиумите, полицијата во Баден-Виртемберг, Баварија, Берлин и Бранденбург верува дека зад ова се крие нешто посериозно. Во овие германски покраини од декември досега на ваков начин се оштетени 270 возила. Трагата води до организаторите на акцијата, кои најверојатно се во Русија.
Полицијата сослушала четворица осомничени. Еден признал дека биле ангажирани од Русин и дека добивале инструкции преку апликација за мобилен телефон од Русија. За секој оштетен автомобил им биле исплатени по сто евра, а добиле и по неколку илјади евра почетен капитал.
Истражните органи сметаат дека станува збор за руска диверзантска операција со цел да се влијае на актуелната изборна кампања во Германија. Оштетените возила често имаа налепници со ликот на кандидатот за канцелар на Партијата на зелените, Роберт Хабек, како и слоганот Биди позелен! Поради ова, истражителите првично претпоставуваа дека зад нападот со пена стојат активисти за климата или поддржувачи на Зелените.
Бербок: Кремљ се обидува да дестабилизира
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок исто така е убедена дека Русија стои зад наводната саботажа. „Одамна е јасно дека Кремљ се обидува да ги дестабилизира европските демократии и да ги дискредитира партиите кои не му се допаѓаат користејќи различни методи. Секој кој политички се залага за европски мировен поредок и се спротивставува на агресивната војна против Украина, која го крши меѓународното право, станува цел на Кремљ и неговите послушници“, рече министерката во писмената изјава. Аналена Бербок е една од водечките кандидати на Зелените за изборите на 23 февруари. Таа партија очигледно застана на страната на Украина.
Според германската влада, Русија веќе се обидела да се меша во изборната кампања на претходните сојузни избори во 2021 година. Од почетокот на руската агресија врз Украина, бројот на инциденти е зголемен, се наведува во анализата на германската воена контраразузнавачка служба (МАД).
Бројот на случаи расте.
Методот на пур-пена не е првиот бран на „евтини“, главно помали саботажни акции. Според податоците на Федералната служба за заштита на уставот, со месеци постои тренд руските служби да ангажираат ситни криминалци во таргетираните земји за да вршат такви акции. Во овој случај се работи за четворица млади мажи од Србија, Босна и Херцеговина и Германија.
Списокот на инциденти е се подолг: запалени пакети во поштенски центри и авиони, летови со беспилотни летала над објектите на Бундесверот, дупки во оградите на касарните, неовластени лица на воените полигони за обука, оштетена железничка и комунална инфраструктура, планиран напад врз шефот на германската компанија за производство на оружје Рајнметал. Руската хибридна стратегија вклучува и оштетување на подморските кабли во Балтичкото Море од танкери од руската „флота во сенка“ или „темна флота“, евтини танкери кои транспортираат руска нафта во Азија.
Германија не е единствената земја од Европската унија каде што се активни руски диверзанти и нивните помагачи. Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Каја Калас во интервју за Дојче веле посочи дека Русија се обидува да изврши влијание насекаде.
Руски закани
„Не смееме да гледаме на секој од овие инциденти изолирано, туку мораме да ги гледаме во поширок контекст. Мораме да разбереме дека намерите на Русија кон Европа и европската безбедносна архитектура не се променети“, рече Калас.
Како резултат на тоа, воени бродови од балтичките земји сега патролираат заедно за да ги одвратат руските напади на подморските кабли.
Во Германија, гонењето на осомничените за дела на саботажа трае доста долго, предупредуваат експертите за внатрешна безбедност, како пратеникот во Бундестагот, демохристијанинот Родерих Кизеветер (ЦДУ). Поминуваат месеци, ако не и години додека се истражуваат сите врски, почнуваат судења и се донесуваат пресуди. Дотогаш, хакерите во странство, руските агенти и нивните помагачи веќе се зафатени со следната акција.
