Состојба во Украина од минута во минута: Најавен режим на молк за напуштање на цивилите од украинските градови, преговори без напредок
Во Белорусија се одржа третата рунда преговори меѓу делегациите на Русија и Украина. Има мал напредок во дискусијата за хуманитарните коридори. Руските вооружени сили отворија хуманитарни коридори, а денеска најавуваат режим на молк за излез на цивилите од Киев, Мариупол, Харков и Суми. Украина бара директни преговори меѓу Зеленски и Путин. За 10 март е најавена средба на шефовите на руската и украинската дипломатија во Анадолија.
Во Брест, Белорусија, третата рунда преговори за политички и воени аспекти траеше речиси три часа. Двете страни се внимателни во оценката, а наскоро се очекува нова средба.
Постигнат е одреден позитивен напредок во подобрувањето на логистиката на хуманитарните коридори, а продолжуваат интензивните консултации за главниот политички блок со прекин на огнот и безбедносни гаранции. Во овој момент нема резултати кои значително би ја подобриле состојбата.
Руската армија отвори шест хуманитарни коридори за излез на цивилите . Путин ја повика Европа да изврши притисок врз Киев и да придонесе за спасување на луѓето. Железничката станица во Киев е полна со луѓе кои сакаат да го напуштат градот.
Нивната прва станица е Лавов, каде повеќе нема место за раселените лица, а градоначалникот ги повикува хуманитарните организации да помогнат. Околу 2.000 луѓе се евакуирани од Ирпин, во близина на Киев. Мариопол е целосно опколен, почна чистењето на некои делови од градот.
Сепак, Киев тврди дека руското гранатирање ја спречува евакуацијата и ги повикува странските лидери да ја принудат Русија да го почитува примирјето за да се спречи хуманитарна катастрофа.
Украина проценува дека досегашната штета на инфраструктурата е 10 милијарди долари. Зеленски ги отфрла ултиматумите и бара нови санкции против Москва.
Лидерите на САД, Германија, Франција и Велика Британија се решени да ја зголемат цената за, како што велат, неоправданата инвазија на Русија. Тие ќе продолжат да обезбедуваат безбедносна, економска и хуманитарна помош за Украина. Како одговор на санкциите, Москва објави список на таканаречени непријателски земји на кои граѓаните и компаниите можат да го вратат долгот во рубљи. Меѓу нив се САД, Канада, Британија, членки на Европската Унија, а земји од регионот се Црна Гора, Македонија и Албанија.
07.53 - Новак: Русија не ја нападна нуклеарната централа во Запорожје
Русија не ја нападна нуклеарната централа во Запорожје и нејзиниот воен персонал дејствува координирано во просториите на нуклеарната централа, изјави за медиумите рускиот вицепремиер Александар Новак.
07.40 - ЛНР тврди дека е ослободена речиси целата нејзина територија
Министерството за надворешни работи на самопрогласената Луганска Народна Република (ЛНР) соопшти дека „речиси целата територија на републиката е ослободена“ од украинските војници.
07.35 – Кулеба: Разговор со Лавров планиран за 10 март
Министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба изјави дека неговата средба со рускиот колега Сергеј Лавров во Турција е закажана за 10 март.
07.30 – Русија: Повеќе од 2 милиони луѓе бараат евакуација од Украина
Повеќе од два милиони луѓе досега побарале евакуација од Русија, соопшти денеска Меѓуресорскиот координативен штаб за хуманитарна помош во Украина.
07.00 часот – Светска банка: На Украина одобрени уште 723 милиони долари
Светска банка соопшти дека одобрила пакет заеми и неповратни средства за Украина во износ од 723 милиони долари, во моментот кога оваа земја се бори против руската инвазија.
06.40 - Киев: Украинските сили го убиле рускиот генерал Герасимов
Украинската воена разузнавачка служба денеска објави дека украинските сили го убиле генералот Виталиј Герасимов, во близина на опколениот град Харков, уште еден руски висок командант кој загинал во инвазијата.
06.30 - Режим на молк за евакуација од 10 часот по московско време
Режимот на молк за излез на цивили од Киев, Харков, Чернигов, Суми и Мариупол ќе започне денеска во 10 часот по московско време, соопшти Меѓуресорскиот координативен штаб на Русија за хуманитарен одговор во Украина.
