Сопственикот на кафулето кое се запали во Швајцарија се огласи преку медиумите
Сопственикот на барот „Констеласион“ во Кран-Монтана, изјави дека инспекцијата го прегледала неговиот објект трипати во десет години и дека „сè било направено според стандардите“.
Според изјавите дадени за швајцарскиот дневен весник La Tribune de Genève, 49-годишниот Жак Морети, сопственикот на барот рекол дека „не е добро“ по трагедијата. Морети не бил во барот во моментот на трагедијата, но неговата 40-годишна сопруга била присутна и се здобила со изгореници на раката. Полицијата го испрашувала.
Државниот советник Стефан Ганзер денеска објасни дека кантоналната противпожарна служба никогаш не добила никакви извештаи за дефекти или неусогласеност во врска со зградата во која бил барот. Сепак, наведената бројка на прегледи од страна на Морети се чини недоволна според законот. Членот 8 од кантоналната уредба за превенција од пожари предвидува дека инспекциите мора да се вршат „секоја година во објекти отворени за јавноста или кои претставуваат посебни ризици“. „Општината е одговорна за инспекција на зградата и оваа инспекција мора да се врши годишно“, кажа Ганзер. Доколку се најдат какви било дефекти, извештајот мора да се достави до властите. Според неговите сознанија, за предметниот бар неодамна не бил издаден никаков извештај што укажува на дефекти.
