Сомнителна појава на хантавирус на крузер во Атлантикот, три лица починаа
Три лица починаа, а уште три се водат како заразени по сомнителна појава на хантавирус на мал крузер во Атлантскиот Океан, информира Светската здравствена организација.
Според СЗО, еден од пациентите се наоѓа на интензивна нега во Јужна Африка. Холандското Министерство за надворешни работи потврдило дека двајца од починатите се државјани на Холандија.
Хантавирусот кај луѓето може да предизвика висока температура и сериозни респираторни проблеми. Најчест извор на зараза е контакт со урина, измет или плунка од заразени глодари. Од СЗО посочуваат дека преносот меѓу луѓе се случува многу ретко.
Досега лабораториски е потврден еден случај, додека останатите се третираат како сомнителни. Патниците и членовите на екипажот се под медицински надзор, а надлежните спроведуваат епидемиолошка истрага за да се утврди како дошло до заразата.
Според Би-Би-Си, станува збор за бродот „Hondius“, управуван од холандската компанија „Oceanwide Expeditions“. Бродот има капацитет за околу 170 патници и 70 членови на екипажот.
Информациите за движењето на крузерот покажуваат дека тргнал од Ушуаја, во јужниот дел на Аргентина, а последната позната локација му била во близина на Зеленортските Острови, каде што се наоѓал блиску до планираната дестинација.
