Сомнежи за нов еко-скандал – „Рено“ е под лупа поради измама
Канцелариите на „Рено“ се проверуваат од француските служби поради сомнежи за измама. Ова се вели во соопштението на еден од синдикатите на вработените на автомобилскиот производител. „Агенти на службата за измами пребарале неколку канцеларии на „Рено“, се вели во пораката.
Истрагата е насочена против одделенијата во компанијата, кои се одговорни за проверка на моторите. Се претпоставува дека полициските претреси се поради „последиците од скандалот со моторите на „Фолксваген“.
„Преземени се персоналните компјутери на неколку директори“, дополнуваат од синдикатот, од каде слушнале за акцијата од нивните колеги во претресуваните згради.
Ниту од службата за борба против измама, ниту претставниците на „Рено“ до овој момент не ја коментираат веста.
Минатиот месец од францускиот автомобилски концерн изјави дека ќе инвестира 50 милиони евра, за да се уверат дека во моторите на автомобилите нема да се појави неправилност како онаа кај „Фолксваген“.
Еден од најголемите еколошки скандали на минатата година беше предизвикан од откритието дека некои дизел модели на германскиот концерн вештачки давале лажни податоци за испуштање на штетни гасови во воздухот, за да влезат во регулациите.
Откритијата на синдикатот во „Рено“ доведоа до 10% пад на цената на акциите на компанијата.
