Економија, финансии, бизнис

Контакт

Социјална пазарна економија – ова е тајната на стабилната германска економија

Социјална пазарна економија – ова е тајната на стабилната германска економија
Германската економија, од една страна, се темели на пазарна конкуренција, а од друга страна државата се уште има доволно простор за интервенција, односно делува по принципот на социјална пазарна економија, пишува Дојче веле, пренесува МИА. На германското стопанство во последните 50 години главно му оди добро. Последните години, додека остатокот од Европа беше потресен од финансиската и економска криза, германското стопанство беше стабилно. Многумина успехот на Германија го објаснуваат со комбинација на социјалните и пазарни компоненти. Корените на тој систем потекнуваат уште од 19 век. – Бизмарк, т.н. Железен канцелар, ги постави темелите за социјалните закони, така што воспостави пензиско и здравствено осигурување, вели Вернер Шрајбер, поранешен министер за социјални прашања на германската покраина Саксонија-Анхалт. Тогаш издатоците беа поделени, т.е. половината ја плаќаше работникот, а половина работодавецот. Тоа е и денес централен принцип на денешните социјални прописи, кои по Втората светска војна е проширен на семејната политика, социјалната помош и многу други аспекти. Дел од германскиот систем е и автономија на платата. - Со други зборови, синдикатите и работодавците имаат слобода сами да ја одредуваат платата, без мешање на државата – вели Шрајбер во разговор за Дојче веле. Поради таквиот однос меѓу синдикатите и работодавците, работниците во Германија помалку штрајкуваат, што е економска предност. Бројот на вработените постојано се зголемува И додека во државите околу Германија невработеноста пробива рекорди, во таа земја работат 42 милиони луѓе, повеќе од кога било. За таквиот успех заслужна е и Агендата 2010, т.е. реформата на пазарот на трудот пред 10 години. - Тука беше важно воспоставување на сектор со ниски плати, намалување на прописите и зголемена флексибилност на пазарот на трудот. Од една страна, поради тоа има повеќе работни места, но од друга, многу работни места се слабо платени – тврди Ули Брикнер од Универзитетот Станфорд. Новата влада ќе се обиде да ги отстрани негативните ефекти од оваа реформа. - Во Германија постои голем општествен консензус – ние го гледаме општеството како механизам. Нашиот политички систем е како група запчаници во кои различни институции се покренуваат една со друга, врз основ на правното уредување – вели Брикнер. И додека политичките запчаници знаат и да зашкрипат, инжинери во Германија има доволно. Секоја година околу 100.000 инжинери и научници од областа на природните науки стигнуваат на пазарот на трудот, а за нивно образование се грижи веќе прочуениот дуален систем. Младите луѓе во текот на своето школување ја комбинираат практичната работа со предавањата. – Ако се бавам со логистика, учам јазици, сметководство, пазарни односи, значи се за областа во која се движам како експерт за логистика или шпедиција – објаснува Брикнер. Побарувачката за експерти е се поголема Значи, германското стопанство секоја година има прилив од квалификувани експерти. Од нив извлекуваат корист пред се компании од средна големина, во кои работат под 500 луѓе. Таквите фирми се околу 99 отсто од приближно три милиони компании во Германија. Тоа обично се семејни фирми. Клаус-Хајнер Рел од Институтот за германско стопанство смета дека тоа е причина, поради која во Германија индустријата е посилна од другите земји. – Тука семејството поседува одредена компанија, а во Велика Британија тоа одамна би било на пазарот. Можеби некоја голема компанија би ги откупила акциите, а порано или подоцна фабриката во Велика Британија би била затворена и производството преселено во странство – вели Рел. Повеќето од тие семејства имаат доволно капитал во резерва и поради тоа не ги пласираат своите компании на берзата. – Се поставуваат долгорочни цели. Нема брзање. Нема пребрза експанзија – објаснува овој експерт. Истовремено, квалитетните производи не се доволни во борбата против компаниите кои имаат далеку поефтина работна сила, како што се тие во Азија. Германските фирми нудат и цела низа услуги покрај своите производи. – Компанијата не продава само машина, туку и ја монтира, ги обучува работниците кои ќе ја употребуваат, нуди сервис кој работи 24 часа – вели Рел. Тогаш, во што е тајната на успехот? Постојаните иновации исто така гарантираат успех на германскиот модел. Имено, таа земја нема доволно природни суровини, па е принудена да развива нови решенија. - Имаме комплетна мрежа на истражувачки институти кои јавно се финансираат, како Макс-Планк и Фрауенхофер. Тие постојат во целата земја и соработуваат со индустриските компании, се обидуваат да откријат работи кои нема веднаш да донесат профит – вели Ули Брикнер. И додека истражувачите можат да сонуваат за иднината, во областа на инфраструктурата важни се само факти. Додуша, Германија тука има со што да се пофали. Има малку земји на светот со толку изградена енергетска мрежа, телекомуникации, патен, железнички и воздушен сообраќај. Од Берлин може да се стигне во сите Европски земји за помалку од 24 часа. Секако, за тоа придонесува географската положба на Германија, која се наоѓа во срцето на Европа и ужива умерена клима, потсетува Брикнер: – Немаме претерано топли бранови, ни урагани, се е релативно умерено, малку студено и поради тоа тука веќе со векови владеат поволни услови за раст и производство отколку на ивиците на Европа. И од тоа Германија извлекува голема корист.
Слично

Поврзани вести