Соборувањето на режимот на Путин не може да се постигне со демократски мерки, вели Ходорковски
Според Михаил Ходорковски, некогаш најбогатиот човек во Русија, само револуција ќе го собори рускиот претседател Владимир Путин од власта.
Тој очекува Путин да продолжи да ги задушува протестите во земјата по инвазијата на Украина. Педесет и осумгодишниот Ходорковски вели дека Путин сака да ја окупира Украина, да ја уништи нејзината одбрана и да формира „марионетска влада“ во Киев.
Тој додаде дека Западот треба да и помогне на Украина со вооружување на нејзиното население, бидејќи во спротивно би се соочила со долготрајна и можеби крвава окупација.
„Соборувањето на режимот на Путин не може да се постигне со демократски мерки. Промената може да дојде само со револуција – или револуција одозгора или револуција одоздола“, рече Ходорковски.
Вели дека тоа е можно и како резултат на воен пораз или смрт на Путин. Илјадници граѓани протестираа во руските градови поради руската инвазија на Украина, но имаше и апсења.
Повеќе од 50.000 украински бегалци ја напуштија земјата за помалку од 48 часа, изјави високиот комесар за бегалци при ОН, Филипо Гранди, додавајќи дека повеќето отишле во Полска и Молдавија, пренесува Си-Ен-Ен.
