СО ТЕЛЕФОНСКИ БРОЈ НАПИШАН НА РАКАТА, ПАСОШ И ПЛАСТИЧНА КЕСА - 11 годишно момче само отиде од Украина до Словачка
Мајката на момчето (11) од Украина, кое помина речиси 1.127 километри до Словачка само со најлонска кеса, пасош и телефонски број испишан на раката, проговори за олеснувањето што го почувствувала поради безбедното бегство на нејзиниот син од руските бомби.
Јулија Писетскаја изјави дека очајно го качила својот син во возот за Словачка од Запорожје, во близина на нуклеарната централа што минатата недела беше нападната од руските сили.
Не можела да оди со него од југоисточна Украина, бидејќи не се чувствувала добро и морала да се грижи за својата мајка со инвалидитет.
Словачките граничари по пристигнувањето на момчето се грижеле за него, велат од полицијата, која го опишала како „херој“. На рака го имал телефонскиот број на роднина во словачкиот главен град Братислава. Властите успеале да им влезат во трага и оттогаш тие се грижат за него, пренесува Гардијан.
„Многу сум благодарна што го спасија животот на моето дете“, рече Писецкаја во видео пораката објавена на Фејсбук.
„Во вашата мала земја има луѓе со големо срце“, додаде таа.
Таа истакна дека е вдовица и има уште две деца. Таа им се заблагодари на словачките цариници и волонтерите кои се грижеа за нејзиниот син и му помогнаа да ја помине границата.
„До мојот град е нуклеарна централа во која пукаат Русите. Не можев да ја оставам мајка ми - таа не може да се движи“, рече таа.
Словачкото МВР на Фејсбук објави дека момчето „со насмевката, бестрашноста и одлучноста ги освои срцата на сите, достојни за вистински херој“. Тие рекоа дека властите „го загреале и му дале храна и пијалоци, кои ги спакувале за неговото следно патување“.
Официјалните лица додадоа: „Благодарение на бројот на неговата рака и парче хартија на половината, тој успеа да стапи во контакт со своите најблиски кои подоцна дојдоа по него и целата приказна заврши добро“.
„Тој дојде сам од Запорожје затоа што неговите родители мораа да останат во Украина“, изјави за AFP портпаролката на полицијата Денис Бардиова.
Извор и фото: Нова.рс
