СО САМО ЕДНА ДОЗА ОД ВАКЦИНИТЕ СЕ НАМАЛУВА МОЖНОСТА ЗА ТРАНСМИСИЈА НА КОВИД: Најнова студија на Англиската агенција за јавно здравје
Само една доза
вакцина Фајзер или АстраЗенека може да го намали преносот на коронавирус за
скоро 50 проценти во истото домаќинство, каде што ризикот од инфекција е многу
висок, покажува најновата студијата на Англиската агенција за јавно здравје
(PHE), чии резултати беа објавени денес.
Истражувањата покажуваат дека луѓето кои се заразуваат со вирусот три недели откако ја примиле првата доза на вакцината, имаат 38 до 49 проценти помали шанси да ја пренесат инфекцијата на членови на исто домаќинство отколку оние кои не биле вакцинирани, вели PHE во соопштението.
Ова ниво на заштита е забележано приближно на четиринаесеттиот ден по вакцинирањето и е слично без оглед на возраста на вакцинираното лице или возраста на членот на домаќинството.
Британскиот министер за здравство смета дека „ова е фантастична вест“, бидејќи токму домаќинствата се места со „висок ризик“ за пренос на вируси
„Веќе знаевме дека вакцините спасуваат животи, но оваа студија, најсеопфатна во реални околности, исто така укажува на намален пренос на овој смртоносен вирус“, рече тој.
Во исто време, првата доза на вакцина ја спречува можноста за развој на симптоматска форма на болеста кај вакцинирани лица. Имено, во рок од четири недели по приемот на првата доза на која било вакцина, овој ризик е намален за околу 60 до 65 проценти.
- Иако оваа информација е многу охрабрувачка за вакцинираните лица, сепак е исклучително важно да продолжите да се однесувате како да имате вирус, вели Мери Рамзи, раководител на одделот за имунизација во PHE.
Студијата вклучува повеќе од 57.000 контакти од 24 000 домаќинства во кои вакцинираното лице последователно било позитивно на коронавирус, а направена е и споредба со скоро милион контакти на лица кои не биле вакцинирани.
Домаќинствата се сметаат за места со „висок ризик“ кога станува збор за пренесување на вируси и „слични резултати може да се видат на места со сличен ризик од пренесување на вируси, како што се затвори или станови што ги делат студенти.
Претходните студии на PHE покажаа дека вакцините Фајзер и АстраЗенека спречиле 10.400 смртни случаи над 60-годишна возраст до крајот на март.
Од почетокот на декември Велика Британија спроведува масовна кампања за вакцинација и ги користи вакцините АстраЗенека, Фајзер и Модерна.
Таму, постои една од најбрзите кампањи за вакцинација против Ковид-19. Досега скоро 34 милиони жители ја примија првата доза, а четвртина или 13,2 милиони возрасни ги примија двете дози на вакцината.
