„СО ЛОПАТИ ЛИ ПРОТИВ УКРАИНСКАТА ВОЈСКА, ШТО МОЖЕА ДА НАПРАВАТ МОМЧИЊАТА?“: Необучени војници ја бранат руската граница
Рускиот претседател
Владимир Путин на почетокот на војната им вети на своите сограѓани дека
регрутите нема да бидат вклучени во борбите. Меѓутоа, додека Москва се обидува
да го спречи напредувањето на Украина подлабоко на руска територија,
семејствата на младите војници распоредени во областа жестоко се противат.
Пораките споделени на руските канали Телеграм и другите социјални медиуми во изминатите неколку дена открија колку Москва била неподготвена за ваков тип на напади. Руската армија назначи слабо обучени и неискусни војници да ја бранат границата.
„Кога тенковите ја преминаа границата во 3 часот по полноќ, имаше само регрути кои се бранеа. Подоцна се јави син ми и рече: „Мамо, во шок сме“, вели Олга, мајка на регрут кој е во Курскиот регион.
Се појави и петиција
Распоредувањето на регрутите е незгодно прашање во Русија, делумно поради повеќекратните ветувања на Путин дека нема да ги испраќа во борба, но и поради фактот што мајките и сопругите на војниците традиционално се влијателен глас во земја, пишува CNN.
Независниот руски весник „Верстка“ објави интервју со Наталија Апел, баба на руски регрут кој служел во областа Курск и сега се смета за исчезната. Наталија рече дека нејзиниот внук Владислав бил стациониран во село на 500 метри од границата без никакво оружје.
„Што можеа да направат момчињата? Да се борат со лопати против украинските војници? праша таа. На интернет се појави петиција во која се повикува Путин да ги отстрани регрутите од областа.
Инаку, сите работоспособни мажи во Русија подлежат на воен рок, а доколку се регрутирани, потребно е да отслужат една година војска. Војската на земјата обично спроведува две регрутни активности годишно, една пролет и една наесен, при што секој пат регрутира повеќе од 100.000 млади луѓе. Избегнувањето на воениот рок е кривично дело и се казнува со затвор.
Москва испраќа нови сили за помош
Русија често стационираше регрути долж нејзините долги граници, никогаш не очекувајќи дека ќе бидат нападнати. Но, кога Украина го започна својот неодамнешен ненадеен упад, тие регрути се најдоа на првите линии на фронтот, целосно неподготвени да се бранат.
Во задоцнетиот обид да се спротивстави на украинскиот упад, Русија се чини дека испратила неколку илјади војници од окупираната територија во Украина да помогнат, изјавија двајца високи американски претставници за Си-Ен-Ен.
„Јасно е дека Путин и руската војска пренасочуваат некои ресурси, некои единици, кон регионот Курск за да се спротивстават на она што го прават Украинците“, изјави портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби.
Покрај преместувањето на силите од Украина, Русија испрати и персонал од Ленинградскиот воен округ и Калининград за да помогне во одбраната на регионот Курск, изјави неименуваниот висок американски функционер.
Не е првпат регрути да се борат против Украинците
Некои регрути се заробени и донесени во Украина. Зеленски претходно оваа недела потврди дека силите на Киев земаат воени заробеници додека продолжуваат да напредуваат. Украинската војска објави и неколку видеа и фотографии од мажите, тврдејќи дека се заробени руски војници.
Руското Министерство за одбрана на почетокот на војната призна дека во Украина биле „откриени“ регрути, откако Киев објави дека некои од заробениците што ги презел не се професионални војници. Руската армија тогаш тврдеше дека регрутите се повлечени и вратени во Русија. Се вели дека командантот одговорен за нивното распоредување бил казнет.
ФОТО: EPA